Постара Британка била внесена во количка на лет на „Изиџет“ од Малага до Лондон кога веќе била мртва, тврдат шокираните туристи.
Роднини ѝ помогнале на 89-годишната жена да се качи во авионот и според сведоците, му кажале на персоналот на авиокомпанијата дека таа не е добро и дека заспала. Но, непосредно пред полетувањето, екипажот бил известен дека жената починала. Авионот бил вратен пред да ја напушти пистата, а летот бил одложен за 12 часа.
Патници во авионот раскажаа како телото на жената било однесено со инвалидска количка до седиштата во задниот дел од авионот и ставено на нејзиното седиште со помош на пет члена од нејзиното семејство. При влегувањето во авионот тие само рекле дека „жената е уморна“.
Авионот се движел кон крајот на пистата, кога драматично застанал неколку моменти пред полетувањето откако екипажот сфатил дека жената е мртва, рекоа сведоците.
„Изиџет“ инсистираше дека патниците грешат и дека патничката имала потврда дека е способна за летање и била жива кога се качила во авионот.
„Од првиот момент кога ја видов жената знаев дека не е жива. Нејзиното семејство разговараше со неа и се однесуваше како да е жива“, изјави 19-годишната патничка Елизабет Роуланд.



