Авиокомпанијата „Бритиш ервејс“ ги заостри правилата за користење на социјалните мрежи за своите вработени, забранувајќи им на пилотите и на кабинскиот персонал да објавуваат содржини од хотелите каде што престојуваат за време на паузите меѓу летовите.
Целта на оваа мерка е да се подобри онлајн безбедноста на персоналот. Според компанијата, со објавување на фотографии од хотел, криминалци би можеле да ја утврдат локацијата преку анализа на детали како што се плочките на базенот, знаците, па дури и погледот од прозорецот.
Новата забрана вклучува видеа од типот „спремете се со мене“, популарни на ТикТок , селфи фотографии во униформа, слики покрај базен и групни фотографии направени во хотелскиот комплекс. На вработените им е наложено да ги прегледаат своите профили на социјалните мрежи и да ги избришат сите постоечки фотографии што не се во согласност со новите правила.
Оваа одлука е продолжение на политиката воведена во февруари 2023 година, кога „Бритиш ервејс“ им забрани на вработените да објавуваат фотографии и видеа додека се „професионално ангажирани“, што вклучува слики од пилотската кабина или какви било содржини направени во авион.