Музички ноти напишани од Лудвиг ван Бетовен ќе им бидат вратени на наследниците на најбогатата фамилија во Чехословачка од пред Втората светска војна, чии членови морале да ја напуштат земјата за да се спасат од холокаустот. Моравскиот музеј во чешкиот град Брно повеќе од 80 години ги чува оригиналните ноти од четвртиот став од делото на Бетовен за гудачки квартет, и неделава за првпат го изложи пред да им го врати на сопствениците.
„Тоа е едно од нашите најскапоцени предмети. Жал ни е што ќе го изгубиме, но му припаѓа на семејството Петчек“, вели кураторката на Музејот, Симона Шинделарова.
Семејството Петчек ќе го добие артефактот благодарение на Законот за реституција за имот украден од германските нацисти. Не е познато како семјеството, кое го стекнало богатството од рударство и банкарство во Централна Европа, после Првата светска војна го добило едно од подоцнежните дела од славниот германски композитор.
Познато е дека Бетовен, кој починал во 1827, му го дал ракопсиот на својот секретар Карл Холц, а најмалку уште двајца приватни сопственици во Виена го купиле пред Петчек. Семејството се обидело, но не успеало да го испрати ракописот во странство по пошта во март 1939 за време на нацистичката окупација на Чехословачка, привлекувајќи го вниманието на Гестапо.
Според Шинделарова, Германците побарале од експерт од Моравскиот музеј во тоа време да потврди дека Бетовен го напишал документот и тој го негирал тоа во обид да го спаси од окупаторите. Лагата можеше скапо да го чини, но успеа, на Музејот му било дозволено да го задржи делото. Сепак, нацистите го зазедоа најголемиот дел од имотот на семејството Петчек, кој комунистичкиот режим на Чехословачка ги национализираше по војната.