Археолозите кои ја истражуваат неодамна откриената најголема подводна пештера на светот во Мексико пронајдоа неколку илјади години стари човечки остатоци во неа, како и коски од животни кои живееле на Земјата во периодот на Ледено доба.
Тие веруваат дека пронашле можна врска помеѓу мајанската цивилизација и праисториско општество во пештерскиот систем Сак Актун на полуостровот Јукатан. Пронајдените остатоци можат да им помогнат на археолозите да ја состават историјата на пештерата, која се протега сѐ до плеистоценската ера, меѓу 2,6 милиони и 11.700 години. Се верува дека пештерите биле потопени пред 9.000 години.
Стручњаците ги опишаа пештерите како „најзначајно подводно археолошко наоѓалиште на светот“.
Овој систем се состои од 248 подводни базени, поврзани со тунели долги 347 километри. Во него се пронајдени околу 200 археолошки локалитети.
Во пештерите се пронајдени човечки остатоци, чија старост се проценува на 9.000 години, потоа керамика, ѕидни гравури, мајански олтари и гробници, како и коски од разни исчезнати животински видови.
„Ова е неверојатно. Ова, без сомнение, е најзначајното подводно археолошко наоѓалиште на светот. На светот не постои друго наоѓалиште со вакви карактеристики. Тука има импресивно количество на археолошки артефакти и нивото на нивна зачуваност е неверојатно“, изјави истражувачот Гилјермо де Анда.