ДЕНЕС ИМА ГОЛЕМА КОНКУРЕНЦИЈА ДА СИ ДЕМБЕЛ ВО БИТОЛА, ВЕЛИ ХУМОРИСТОТ ПАНДЕ ДИМИТРОВСКИ, ДОБИТНИК НА „4 НОЕМВРИ“

    ДЕНЕС ИМА ГОЛЕМА КОНКУРЕНЦИЈА ДА СИ ДЕМБЕЛ ВО БИТОЛА, ВЕЛИ ХУМОРИСТОТ ПАНДЕ ДИМИТРОВСКИ, ДОБИТНИК НА „4 НОЕМВРИ“Хумористот и главен и одговорен уредник Панде Димитровски, познат меѓу битолчани како голем шегаџија кој секој муабет го зачинува со виц, вели „наместо средство за смирување, лексилиум, земете читајте 'Без навреда'“. (Фото: СДК.МК)

    Во услови на пандемија со ковид-19 кога меѓу народот владее страв и паника, битолчани ги расположува и смее магазинот „Без навреда“. Ова е единствениот магазин за хумор и сатира во Битола, кој успева да опстои и покрај тешките економски услови во кои работат локалните весници во земјава, па деновиве прослави 15 години постоење.

    Хумористот и главен и одговорен уредник Панде Димитровски, познат меѓу битолчани како голем шегаџија кој секој муабет го зачинува со виц, вели „наместо средство за смирување, лексилиум, земете читајте ‘Без навреда’“. Додава дека смеењето е половина здравје, за другата половина погрижете се сами”.

    Тој годинава е добитник на наградата „4 Ноември“ за едногодишно остварување која ја доделува Општина Битола. Награден е поради успесите постигнати со манифестацијата „Незаборав“ која годинава го имаше десеттото издание и 15 години „Без навреда“.

    Навраќајќи се на почетоците Димитровски на шега вели: „Помалку бизнис, пари ич, борч о-хо-хо, излез само со производство. Бидејќи за мајтап не треба инвестиции, машини, инвентар, се решив на производство на вицови“.

    Извадоци од книгата „Без навреда“

    Досега издал 106 броја на „Без навреда“ со над 100 анегдоти, 23 измислени духовити интервјуа, стотици пораки од Чкембо, безброј приказни со неограничен рок, 1.600 афоризми и 6.500 вицови.

    Меѓу вицовите има и за новинари. Од многуте издвоивме два:
    „Во новинарската ложа пред говорот на еден познат политичар.
    Првиот новинар: Овој вчера беше најдобар.
    Вториот новинар: Како мислиш? Па, тој вчера уста не отвори.
    Првиот новинар: Па, токму поради тоа“.

    Другиот виц почнува со тоа дека секретарката влегува кај директорот.
    „Директоре, Ве бара некој новинар.
    -Ах, колку ги мразам новинарите. Секогаш пишуваат дека лажам.
    -Што да му кажам на новинарот?, прашува секретарката.
    -Кажете му дека не сум тука,вели директорот“.

    Во хумористичните приказни, Димитровски ја прикажува Битола шеговито како град на дембели (мрзливци), па градот во минатото имаше и Дембел чаршија каде „дембелите по цел ден кафе пиеја и лични моми гледаа“.

    „Денес најтешко е да бидеш дембел во Битола. Има голема конкуренција, од мало до старо сите се дембели. И најдобрите работници со стечаите ги направивме дембели. И новите генерации одат на тоа. Чаршијата ја срушија, но затоа тука е Широк Сокак со многу кафулиња каде по цел ден се пие кафе”, пишува Димитровски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира