ДЕЦАТА ОД ЕНЦИКЛОПЕДИЈАТА ЌЕ НАУЧАТ ДЕКА ТЕМЕЛНИЦИТЕ НА МАКЕДОНСКАТА СОВРЕМЕНА УМЕТНОСТ БИЛЕ МАЈСТОРИ И ВИЗИОНЕРИ, ВЕЛИ АВТОРКАТА БАКОВСКА

    ДЕЦАТА ОД ЕНЦИКЛОПЕДИЈАТА ЌЕ НАУЧАТ ДЕКА ТЕМЕЛНИЦИТЕ НА МАКЕДОНСКАТА СОВРЕМЕНА УМЕТНОСТ БИЛЕ МАЈСТОРИ И ВИЗИОНЕРИ, ВЕЛИ АВТОРКАТА БАКОВСКАВо енциклопедијата се застапени 17 автори кои се сметаат за основоположници на современата македонска уметност, а е наменета за деца на возраст од 10-13 години. Авторката Елизабета Баковска вели дека подготвувајќи ја книгата и таа самата научила многу. (Фото: С. Димовски/Ефектива)

    Енциклопедијата „Основоположниците на македонската современа уметност“ од писателката Елизабета Баковска, во издание на Центарот за визуелна комуникација Ефектива во соработка со Националната галерија на Северна Македонија, беше промовирана деновиве во Скопје.

    Во енциклопедијата се застапени 17 автори кои се сметаат за основоположници на современата македонска уметност. Тие се подредени хронолошки, почнувајќи од Коста Шкодреану (роден во 1853), а завршувајќи со Борка Аврамова (родена во 1924).

    Елизабета Баковска, Софија Семепеева и Дита Старова-Ќерими на промоцијата на енциклопедијата (Фото: Ефектива)

    „Застапените автори се предлог на Националната галерија, која беше и главниот соработник за подготовката на книгата. За секој автор има куса биографија, некои основни одлики на творештвото и фотографии на некои од покарактеристичните дела. Енциклопедијата е наменета за деца на возраст од 10-13 години, па идејата беше текстот да биде интересен, прилагоден за таа возраст, но сепак информативен. На крајот на книгата дадени се повеќе прашања кои би требало да ги поттикнат децата уште еднаш да размислат за она што го прочитале, да истражат нешто повеќе, но и повнимателно да ги погледнат и да ги проанализираат делата од овие автори“, вели Баковска.

    Софија Семенпеева од Ефектива, чија е идејата за изданието, вели дека концептот го развивале подолг период, а сè потекнало од честите разговори со нивните соработници и со луѓето од фелата дека културата многу малку им е достапна на најмладите, на децата.

    Она што јас би сакала е пред сè децата да научат кои се темелниците на нашата современа уметност: тоа биле луѓе со широки погледи, образувани во европските културни метрополи, изложени на влијанијата на врвните дострели на уметноста на времето во кое живееле, тие биле мајстори на својот занает и визионери во она што го работеле. Треба да ги познаваме, да ги цениме и да ги сакаме, и најмногу од сè: треба секојдневно да нè инспирира она што тие го создавале, вели Баковска. (Фото: Ефектива)

    „Изборот на соработници е наједноставен во целиот процес. Ги бираш најдобрите и оние кои можат да ја разберат суштината на целиот проект. Елизабета Баковска е извонреден автор, а директорката Дита Старова-Ќерими точно ја разбра вистинската цел. Националната галерија на РСМ е инстуцијата која во овој момент ни дава безрезервна поддршка“, вели Семенпеева.

    На промотивниот настан за оваа книга пред некој ден, се спомена и тоа дека книгата е подеднакво потребна и за родителите и за наставниците. Баковска вели дека сосема се согласува со оваа констатација, затоа што подготвувајќи ја, и таа самата научила многу. Некои материјали добила од Националната галерија, но вели таа, факт е дека за голем дел од застапените автори не може да се најде многу. Самата истражувала, а од голема корист ѝ била извонредната архива за македонската уметност на фондацијата ОПА, ЗаУм (www.opafondacija.org/zaum).

    „Се надевам дека оние што ќе ја читаат книгава ќе влезат и во Националната галерија да ги побараат и да ги погледнат нивните дела. Се надевам дека ќе одат до Крушево да ја погледнат галеријата на Никола Мартиноски, споменикот што го направил Димо Тодоровски на Мечкин Камен, витражите на Борко Лазески на Македониумот. Можат во Струга да ја погледнат и збирката-легат на Вангел Коџоман, или да ја побараат влашката црква ‘Св. Констанин и Елена’ во Битола и да го погледнат иконостасот што го насликал Коста Шкодреану. Секогаш кога ќе го погледнат грбот на својата земја ќе се сетат дека тој е дело на Василие Поповиќ-Цицо, човекот што ја направил и корицата на првиот буквар на македонски јазик. А кога еднаш конечно ќе се отвори куќата на Лазар Личеноски, можат да одат и ги видат последните дела на овој наш познат автор. Се надевам дека ќе ја почувствуваат и возбудата што јас ја чувствував додека ја подготвував книгата и дека ќе ја развијат и ќе ја негуваат љубовта кон нашата уметничка традиција“, рече Баковска.

    Семенпеева додава дека енциклопедијата е издадена со помош на Општина Центар и Печатница „Софија Богданци“.

    Од промоцијата на енциклопедијата и одбележувањето на Светскито ден на уметноста, 15 април (Фото: Ефектива)

    „За жал, во државата се добиваат средства за проекти кои се без значителна цел и резултат, а од друга страна многу суштински и квалитетни проекти тешко доаѓаат до финансиски средства. Неопходна е Национална стратегија за култура која ќе биде изградена врз јасни и недвосмислени критериуми и цели и што е најважно ќе се почитува во пракса“, вели таа и додава дека дистрибуцијата на енциклопедијата ќе започне многу скоро. Училиштата во Општина Центар ќе добијат бесплатни примероци, а за да биде достапна и за пошироката читателска публика, ќе се продава во неколку книжарници.

    „Се слушнаа и мислења дека би требало да стане дел од задолжителниот дидактички материјал на часовите по ликовна уметност во основното образование. Она што јас би сакала е пред сè децата да научат кои се темелниците на нашата современа уметност: тоа биле луѓе со широки погледи, образувани во европските културни метрополи, изложени на влијанијата на врвните дострели на уметноста на времето во кое живееле, тие биле мајстори на својот занает и визионери во она што го работеле. Треба да ги познаваме, да ги цениме и да ги сакаме, и најмногу од сè: треба секојдневно да нè инспирира она што тие го создавале“, вели Баковска.

    А Семепеева се надоврзува: „Нашата цел е да не застанеме тука, бидејќи веќе планираме наредни активности во рамките на овој, за нас, многу важен проект. Сакаме да поттикнеме интеракција кај децата, да ја разбудиме нивната креативност и да градиме естетски и културни вредности. Суштината е дека публиката треба да ја создадеме, а таа се создава од мали нозе“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира