Холивудската легенда Џејн Фонда објави дека има рак и дека оди на хемотерапија. Во објава на Инстаграм, 84-годишната Фонда кажа дека ѝ е дијагностициран нехоџкинов лимфом.
„Овој вид на рак се лекува, така што имам среќа“, напиша Фонда.
Таа истовремено ја искористи ситуацијата за да укаже на состојбата со здравствената грижа во САД.
„Среќна сум зашто имам здравствено осигурување и пристап до најдобрите лекари и третмани. Сфатив, што е болно, дека сум привилегирана поради тоа. Речиси секое семејство во Америка мора да се соочи со ракот во некој момент, а голем дел од нив нема пристап до квалитетна здравствена грижа и тоа не е во ред“, вели Фонда.
Нехоџкинов лимфом е помалку вообичаен вид на рак кој се развива во лимфниот систем.
Фонда, која има освоено два оскара, кажа дека ќе оди на хемотерапија шест месеци, но за тоа време нема да прекине со својот климатски активизам.