Актерот Џин Хекман и неговата сопруга Бетси Аракава, кои беа пронајдени мртви минатиот месец во нивниот дом во Санта Фе, ретко биле разделени еден од друг и таа нивна блискост можеби довела до околностите на нивната смрт.
Аракава била негувателка на Хекман откако му напредувала Алцхајмеровата болест и тој станал неспособен да ги извршува дури и наједноставните обврски. Таа ги водела домашните работи, се грижела да остане активен и го штитела од болести.
Властите во петокот објавија дека двајцата починале од природни причини: Хекман од срцев удар, Аракава од редок вирус. Таа починала прва, веројатно на 11 февруари, кога последен пат била видена во јавност и истражителите кажаа дека Хекман веројатно не ни бил свесен за тоа. Тој останал сам дома со денови, дезориентиран и премногу изнемоштен да побара помош. Неговиот пејсмејкер последен пат регистрирал срцебиење на 18 февруари, па се претпоставува дека тогаш починал.
Нивните тела биле во фаза на распаѓање кога биле пронајдени на 26 февруари. Покрај нив, угинало и едно од нивните три кучиња.
Точните детали од нивната последна недела остануваат непознати. Пријатели и соседи изјавија за „Њујорк тајмс“ дека двојката живеела крајно повлечено, особено по пандемијата на ковид-19. Аракава преземала сѐ за да го заштити Хекман од болести и дури носела маска во јавност. Нема докази дека некој друг се грижел за Хекман освен неа.
Хекман се преселил во Санта Фе кон крајот на 1980-тите откако се развел од првата сопруга и бргу се вљубил во градот. Ја запознал Аракава додека таа работела во фитнес-центар во Лос Анџелес.
„По ковидот, Хекман стана уште поповлечен и врзан за домот. Дури престана да вози велосипед низ маалото. Бетси навистина се трудеше да го одржува активен, ангажиран и здрав колку што беше можно“, изјавија нивните пријатели Даниел и Барбара Ленихан.
Актерот Гери Синис, кој работеше со Хекман во филмот „Брз и мртов“ од 1995, даде сличен опис на животот на славниот актер.
„Знам дека откако се повлече во Ново Мексико, тој навистина беше повлечен. Не сакаше да се враќа, да прима награди и да оди на настани во Холивуд. Тој имаше завршено со тоа и се оддалечи од тој дел од животот“, изјави Синис.