Модниот дизајнер Џорџо Армани, кураторите на рускиот павиљон на Уметничкото биенале во Венеција и Меѓународната унија на архитекти се меѓу бројните поединци и установи кои ѝ дадоа поддршка на Украина додека е изложена на руската инвазија.
Како одговор на конфликтот, Армани ја одржа својата ревија на Модната недела во Милано во тишина.
„Што друго можев да направам? Можев само низ тишина да ја истакнам мојата тага за трагедијата. Не сакав шоу со музика. Мислам дека облеката стана уште помоќна низ тишината“, изјави Армани.
Литванскиот куратор Раимундас Маласаускас и руските уметници Александра Сухарева и Кирил Савченков објавија дека нема да го креираат рускиот павиљон во Венеција во знак на протест. Ова значи дека павиљонот ќе остане затворен на годинашниот настан.
„Не можам да продолжам да работам на овој проект среде руската инвазија и бомбардирањето на Украина“, кажа Маласаускас.
И светското и европското здружение на архитекти ја изразија својата солидарност со Украина.
„Ги осудуваме војната и насилството. Ја изразуваме нашата поддршка за Националната унија на архитекти на Украина во овие тешки времиња“, соопштија тие.