ДОСТА Е ОД ЏИНОВСКИ КРАВИ, ШВАЈЦАРЦИТЕ САКААТ ПОМАЛИ ОТИ ГОЛЕМИТЕ ИМААТ ПРОБЛЕМ СО ЗГЛОБОВИТЕ

    ДОСТА Е ОД ЏИНОВСКИ КРАВИ, ШВАЈЦАРЦИТЕ САКААТ ПОМАЛИ ОТИ ГОЛЕМИТЕ ИМААТ ПРОБЛЕМ СО ЗГЛОБОВИТЕ„Кравите се зголемуваат за 0,3 сантиметри секоја година. Овој тренд треба да се сопре, оти се тешки, незаситни и едноставно големи“, велат земјоделците во Швајцарија (Фото: ДПА)

    Многу години, кога стануваше збор за крави важеше изреката: што поголема,  тоа подобро. Но, во Швајцарија земјоделците се обидуваат да го сменат овој тренд со одгледување помали крави, бидејќи сметаат дека животните станале премногу тешки, премногу незаситни, едноставно премногу големи.

    „Многу штали биле изградени пред 25 или 30 години, според големината на животните во тоа време“, вели Михаел Шварценбергер, кој е дел од еколошката иницијатива Нова швајцарска крава.

    За денешните крави, кои можат да пораснат до 160 сантиметри и да тежат повеќе од 800 килограми, тие штали станаа премногу тесни. Дополнителната тежина, исто така, може да доведе до здравствени проблеми. На џиновските крави тешко им е да се исправат на нозе после лежење, кое пак влијае на циркулацијата на крвта. Други пак страдаат од проблеми со зглобовите и нозете.

    Освен тоа, планинските пасишта се оштетени кога тешките животни газат врз нив, расте помалку трева и тоа влијае на млекото, вели Шварценбергер, кој предава сточарство во земјоделскиот центар за обука во Арененберг, на брегот на езерото Констанс.

    „Икс-Икс-Ел кравите, исто така, имаат потреба од многу протеини за да произведат млеко, и затоа земјоделците треба да купат т.н. концентрирана храна“, вели Шварценбергер.

    „Кравите се зголемуваат за 0,3 сантиметри секоја година. Овој тренд треба да се сопре“, вели Маркус Гербер, од организацијата за одгледување на крави во Швајцарија.

    Од иницијативата сметаат дека животните треба да тежат до 600 килограми и да растат до 1,45 метри.

    Во Швајцарија речиси 700.000 крави во просек годишно произведуваат 7.500 литри млеко, околу двапати повеќе од 1960-тите години. Сличен проблем има и во Германија, каде земјоделците реагираат дека границата е премината, додека во Австрија велат дека имаат проблем со големината, но не е толку алармантен.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира