Австралиска двојка вели дека била трауматизирана откако седела до телото на починат патник на лет на „Катар ервејс“.
Мичел Ринг и Џенифер Колин, кои патувале за Венеција на одмор од соништата, изјавија за австралискиот „Канал 9“ дека една жена починала во ходникот покрај нив за време на летот од Мелбурн до Доха. Тие кажаа дека екипажот го покрил трупот со ќебиња и го поставил на седиштето до Ринг и така летале во преостанатите четири часа, и покрај тоа што имало други празни седишта.
„Катар ервејс“ соопшти дека се извинува за „секоја непријатност или вознемиреност што можел да го предизвика овој инцидент“, додавајќи дека е во процес на контактирање со патниците.
Ринг изјави за „Канал 9“ дека персоналот реагирал за кратко време кога жената колабирала, но таа не можела да се спаси.
„Екипажот се обиде да го однесе нејзиното тело до бизнис класата, но таа беше доста голема и не можеа да ја однесат по патеката. Екипажот тогаш виде дека има место покрај мене“, раскажа Ринг.
Иако Колин можела да се пресели на друго празно место, Ринг рече дека не им била дадена таква опција од екипажот.
„Кога авионот слета четири часа подоцна, од патниците беше побарано да останат на своите места, додека не дојдат медицинскиот персонал и полицијата. Кога екипата на брза помош почна да ги трга ќебињата од жената, тогаш го видов нејзиното лице“, кажа Ринг.