Двајцата пилоти кои управувале со патнички авион на малезиската авиокомпанија „Батик ер“ спиеле 28 минути за време на лет во Индонезија, објавија тамошните власти.
„Ербас А320“ летал меѓу индонезиските градови Кендари и Џакарта и кога бил на височина од речиси 11.000 метри, пилотите ги симнале слушалките и ја зголемиле јачината на звучникот во кокпитот. Откако пилотот побарал и добил дозвола да одмори, неговите функции ги презел копилотот.
Во еден момент и копилотот случајно заспал, а 12 минути по последниот снимен разговор со него, контролата на летот на аеродромот во Џакарта прашала уште колку долго авионот треба да лета во сегашната насока. Никој од пилотите не одговорил.
Пилотот се разбудил 28 минути по последниот снимен разговор со копилотот и видел дека авионот не е на правилната патека на летање зашто неговиот колега спиел.
Пилотот ја известил контролната кула дека имало проблем со радиокомуникацијата и дека е решен. Авионот безбедно слетал во Џакарта.