Улиште со пчели во знак на 50 годишнината од збратимувањето на Битола и Епинал и како симбол за заштита на животната средина и подари денес градоначалникот на Епинал од Франција на битолската градоначалничка Наташа Петровска.
„Констатирано е дека има драстично намалување на биоразноликоста на планетата, а пчелите се важни за нејзиното одржување. Во Епинал веќе 15 години не користиме пестициди во одгледување на парковите и цвеќињата. Пчелите во градот произведуваат повеќе мед од пчелите надвор од градот. Тоа е доказ дека кога не се користат пестициди и мед има повеќе и биоразноликоста е поголема. Овој подарок на улиште ја покажува определбата да се бориме за зачувување на биоразноликоста“, рече Мишел Хајнриш, градоначалник на Епинал 21 година.
Градоначалничката на Битола, Петровска изјави дека овој подарок потсетува на одговорноста и грижата за животната средина, а има и дополнителна симболика во трудољубивоста и заедништвото на пчелите кои треба да бидат пример за однесувањето на луѓето.
Улиштето е изработено од инженери од специјализирана шокла од Епинал. Гостите од Франција се дојдени по повод 50 години од збратимувањето на Епинал и Битола и по повод 4 Ноември, Денот на ослободувањето на Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА