„Ербас“ и официјално ја претстави својата нова серија авиони А220, која е резултат на партнерскиот договор со „Бомбардиер“, потпишан минатата година.
Според договорот, моделите на „Бомбардиер“ ЦС100 и ЦС300 влегоа во семејството „Ербас“ како А220-100 и А220-300.
„Сите во ‘Ербас‘ со големо нетрпение го чекаа овој историски момент. Денес, со голема возбуда му посакуваме добредојде на А220 во нашето семејство и почестени сме што за првпат го гледаме во боите на ‘Ербас‘“, изјави претседателот на компанијата, Гијом Фори, на презентацијата во Тулуз.
Лани во октомври, „Ербас“ презеде 51% од акциите на проектот и во наредните 20 години планира да произведе 6.000 авиони во своите погони во Канада и САД.
А220-100 сега е најмалиот авион на компанијата, кој може да прими меѓу 100 и 135 патници, додека моделот 300 има меѓу 130 и 160 седишта.