ЕВРОВИЗИЈА ПОЧНА ВО РОТЕРДАМ САМО ЗА 3.500 ГЛЕДАЧИ СО НЕГАТИВЕН КОВИД ТЕСТ, ВАСИЛ ЌЕ ПЕЕ НА 18 МАЈ

    ЕВРОВИЗИЈА ПОЧНА ВО РОТЕРДАМ САМО ЗА 3.500 ГЛЕДАЧИ СО НЕГАТИВЕН КОВИД ТЕСТ, ВАСИЛ ЌЕ ПЕЕ НА 18 МАЈМакедонскиот пејач Васил Гарванлиев ќе настапи во првото полуфинале на 18 мај. (Фото: И. Трајковски)

    (Специјално од Ротердам: Игор ТРАЈКОВСКИ)

    Вечерва, со дефиле на делегациите учеснички на тиркизниот тепих поставен на ротердамското пристаниште, официјално беше отворена 65-тата Евровизија. На отворањето отсуствуваа делегациите на Полска, Малта, Романија и Исланд: кој поради позитивен ковид тест на некој од членовите, кој од претпазливост поради тоа што некој со позитивен тест престојува во истиот хотел, па мораа да одат во карантин или самоизолација. Годинашнава манифестација е одложено издание на минатогодишната кога фестивалот беше откажан поради пандемијата, а Холандија ја прифати организацијата по победата на Данкан Лоренс во 2019 во Тел Авив. На тој натпревар Македонија го забележа и својот досега највисок пласман, кога Тамара Тодевска во финалето го зазеде седмото место со композицијата „Горда“ (Proud).

    Некои од земјите учеснички одлучија за свои претставници на фестивалот да ги пратат истите пејачи кои ги избраа минатата година, а некои си избраа сосема нови. Македонија ја застапува Васил Гарванлиев, кој требаше да нѐ претставува и лани, но со нова песна во сосема друг стил од ланското поп-издание „Ти“ (You). Обложувалниците не предвидуваат дека „Стојам тука“ (Here I Stand) ќе постигне некаков значителен успех на натпреварувањево, но Васил е позитивен, концентриран исклучиво на задачата пред себе и ќе се потруди да ги убеди скептиците во спротивното со силна, емотивна интерпретација и солидно склопен настап, со порака дека по мракот доаѓа светлина.

    Ротердам се потрудил, колку-толку, да внесе евровизиска атмосфера со прикладни скулптури и брендирани обележја низ градот, но сепак атмосферата е далеку од евровизиска. (Фото: И. Трајковски)

    Гарванлиев ќе настапи во првото полуфинале на 18 мај, покрај Австралија, Ирска, Литванија, Русија, Словенија, Шведска, Азербејџан, Белгија, Хрватска, Кипар, Израел, Малта, Норвешка, Романија и Украина. На оваа полуфинална вечер требаше да настапи и Белорусија, но поради политички обоените стихови беше дисквалификувана кон крајот на март. Фестивалот се одржува од 18 до 22 мај во салата „Ахој“ во Ротердам.

    Ротердам се потрудил, колку-толку, да внесе евровизиска атмосфера со прикладни скулптури и брендирани обележја низ градот, но сепак атмосферата е далеку од евровизиска. Настанот ќе се одвива со ограничена публика од само 3.500 дистанцирани седишта во огромниот комплекс „Ахој“, исклучиво со скорешен негативен ковид-тест, како дел од експериментот на Филдлаб кој следи дали и како се шири вирусот на настани со побројна публика. Влезот во Холандија е исто така рестриктивен, задолжителен е ПЦР тест, а во некои случаи и додатен брз антиген-тест. Бидејќи одењето на концерт или фестивал не се смета за неопходна работа, влез во земјата за фановите е речиси невозможен, особено за тие што живеат надвор од ЕУ.

    Настанот ќе се одвива со ограничена публика од само 3.500 дистанцирани седишта во огромниот комплекс „Ахој“, исклучиво со скорешен негативен ковид-тест, како дел од експериментот на Филдлаб кој следи дали и како се шири вирусот на настани со побројна публика. (Фото: И. Трајковски)

    Овие рестрикции придонесоа кон тоа да градот речиси и нема туристи, а ги нема ни редовните евровизиски номади. Со оглед на тоа што угостителските објекти работат само во надворешните делови од 12:00-18:00 часот и забрането е групирање, во вечерните часови нема раздвиженост низ градот, ги нема вообичаените промотивни забави, а не постои ни традиционалниот Евроклуб.

    Делегациите се чуваат под стаклено ѕвоно за да имаат што помалку контакт со надворешниот свет, па и со новинарите. (Фото: И. Трајковски)

    Присутниот малуброен новинарски контингент е исто така под рестрикции – задолжителен е негативен антиген тест на секои 48 часа за да се одобри пристап до прес-центарот.

    Делегациите се чуваат под стаклено ѕвоно за да имаат што помалку контакт со надворешниот свет, па и со новинарите, а акредитираните новинари не смеат да бидат ни дел од публиката на полуфиналињата и финалето, бидејќи ризикуваат одземање на акредитацијата. Како и новинарскиот корпус, така и делегациите на 39-те земји учеснички се редуцирани – македонската делегација, на пример, годинава е најмалубројна и брои само 5 члена.

    Сѐ на сѐ, впечатокот е дека фестивалот е организиран некако насила, да се долови некаква светла точка на крајот од пандемскиот тунел, но го нема ни жарот, ни расположението кое вообичаено оди рака под рака со настанот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира