ФБИ ГИ ИСТРАЖУВА АМЕРИКАНЦИТЕ КОИ ПРЕКУ ИБЕЈ КУПИЛЕ АРТЕФАКТИ УКРАДЕНИ ОД БРИТАНСКИОТ МУЗЕЈ

    ФБИ ГИ ИСТРАЖУВА АМЕРИКАНЦИТЕ КОИ ПРЕКУ ИБЕЈ КУПИЛЕ АРТЕФАКТИ УКРАДЕНИ ОД БРИТАНСКИОТ МУЗЕЈСпоред Британскиот музеј, од 1.500 предмети за кои се смета дека се украдени или исчезнати, 626 досега се пронајдени, а уште 100 се пронајдени, но сè уште не се вратени. (Фото: Гети)

    Американското Федерално биро за истраги (ФБИ) ги истражува американските колекционери и купувачи на Ибеј, поради купување стотици предмети за кои се сомнева дека се богатства украдени од Британскиот музеј во Лондон. Според извори на „Би-Би-Си“, ФБИ помогнало во враќањето на 268 предмети, за кои музејот тврди дека му припаѓаат, а кои биле продадени на колекционер во Вашингтон.

    Британскиот музеј лани објави дека антички скапоцени камења, накит и други предмети од неговата колекција се исчезнати, украдени или оштетени.

    Еден колекионер од Њу Орлеанс за „Би-Би-Си“ изјави дека агент на ФБИ му испратил е-пошта барајќи информации за две парчиња што ги купил на Ибеј. Агентот на ФБИ рекол дека ѝ помагаат на британската полиција во истрагата за исчезнатите или украдените предмети од музејот. Купувачот рекол дека повеќе не поседува ниту еден скапоцен камен и не верува дека тие биле лоцирани од властите. ФБИ не побарале од него дополнителни информации.

    Според Британскиот музеј, од 1.500 предмети за кои се смета дека се украдени или исчезнати, 626 досега се пронајдени, а уште 100 се пронајдени, но сè уште не се вратени. Огромната количина артефакти за кои музејот верува дека се украдени, не се каталогизирани и Музејот сè уште е во процес на барање начини да докаже дека потекнуваат од неговата колекција.

    Музејот го обвини вишиот кустос Питер Хигс за кражба, оштетување, топење и продажба на антички артефакти. Тој ги негира обвинувањата. Музејот соопшти дека верува оти Хигс заработил околу 100.000 фунти.

    Според судските документи во граѓанскиот случај што музејот го покрена против Хигс, се верува дека тој крадел предмети најмалку една деценија, продавајќи претежно нерегистрирани предмети од складиштата на музејот. Музејот верува дека Хигс, кој е отпуштен, продавал предмети на најмалку 45 купувачи на Ибеј. Досега никој не е уапсен или обвинет за какво било дело.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира