Филмската академија ѝ се извини на Индијанката Сачим Литлфедр речиси 50 години откако таа беше исвиркана на Оскарите. Тогаш 26-годишната активистка и актерка излезе на сцената и се појави во ТВ-пренос во 1973 за да го одбие Оскарот во името на Марлон Брандо.
Брандо одби да го прими Оскарот за најдобар актер за „Кум“ поради погрешното претставување на домородните Американци во американската филмска индустрија, па ја испрати Литлфедр.
„Литлфедр претрпе неоправдано злоставување по нејзиниот краток говор“, кажаа од Филмската академија.
Според академијата, тоа беше прва политичка изјава на телевизиска церемонија, почнувајќи тренд кој продолжи до денес.
„Не верував дека ќе го дочекам денот кога ќе ми се извинат. Ние Индијанците сме многу трпеливи луѓе. Па, поминаа само 50 години“, вели Литлфедр.
Откако излезе на сцената, таа ѝ кажа на публиката дека Брандо не сакал да ја прими наградата.
„Причината за тоа е третманот на американските Индијанци од филмската индустрија“, кажа тогаш Литлфедр, при што беше исвиркана од дел од присутните.
Таа подоцна откри дека Џон Вејн толку бил лут на неа и Брандо што самиот сакал да ја истера од сцената.
Говорот на Литлфедр бил гледан од 85 милиони луѓе, по што во медиумите почнаа да се шират шпекулации дека таа не е вистинска Индијанка и дека му била љубовница на Брандо.