Финска ќе ѝ врати две џиновски панди на Кина во ноември, осум години порано од предвиденото, бидејќи се прескапи за чување, изјави директорот на Управниот одбор на Зоолошката градина во Ахтари. Финска ги купи пандите Луми и Пуру во јануари 2018, неколку месеци откако кинескиот лидер Шји Џинпинг ја посети земјата со која потпишаа заеднички договор за заштита на животните.
Кина уште од 1949 испраќа панди во зоолошки во други земји за да ги зајакне трговските врски, да ги зацврсти надворешните односи и да го зајакне својот меѓународен имиџ.
Според договорот со Финска, пандите требаше да останат 15 години, но наскоро ќе бидат ставени во едномесечен карантин пред да бидат испратени назад во Кина.
Зоолошката градина, која е приватна компанија, инвестираше над 8 милиони евра во објектот каде што живеат пандите и се соочи со годишни трошоци од 1,5 милиони евра за нивното одржување. Зоолошката градина се надеваше дека пандите ќе привлечат посетители во градот во централна Финска, но минатата година соопштија дека наместо тоа, се акумулирале поголеми долгови бидејќи пандемијата го ограничи патувањето и дека се разговара за враќање.
Како што соопшти Зоолошката, зголемената инфлација ги зголеми трошоците, а владата на Финска во 2023 ги отфрли молбите за државно финансирање.
„Севкупно, преговорите за враќање на животните траеја три години. Сега стигнавме до точка каде што Кинезите рекоа дека тоа може да се направи“, рече директорот Ристо Сивонен.
„Враќањето на пандите беше деловна одлука донесена од Зоолошката градина во која не беше вклучена владата на Финска и не треба да влијае на односите меѓу двете земји“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи на Финска.