ФОТОГАЛЕРИЈА – СЕДУМ ЛЕМУРИ ЗА ДВА МЕСЕЦИ СЕ РОДИЈА ВО СКОПСКАТА ЗООЛОШКА

    ФОТОГАЛЕРИЈА – СЕДУМ ЛЕМУРИ ЗА ДВА МЕСЕЦИ СЕ РОДИЈА ВО СКОПСКАТА ЗООЛОШКАСо седумте бебиња сега во Зоолошката градина има 32 лемури. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Седум бебиња лемури доби скопската Зоолошка градина за два месеци. Сега лемурите се најбројните жители во градината. Заедно со бебињата во нивното живеалиште има 32 лемури.

    Бебињата лемури од пред неколку дена полека почнаа да се одвојуваат од мајките и да скокаат и играат низ живеалиштето. Но, сѐ уште кај нив може да влезе само нивниот Зоо неговател Александра Спасовска бидејќи мајките ги штитат малечките и се вознемируваат доколку некој друг ги посети.

    Мајките не дозволуваат во нивното живеалиште да влезе никој освен Зоо негователите кои со години ги хранат. (Фото: Ѓ.Личовски)

    „Мене и мојата колешка што ги храниме и им го чистиме живеалиштето со години, нѐ знаат и затоа само нас ни дозволуваат да влеземе. Во други случаи односно кога немаат бебиња си играат со секој кој ќе влезе кај нив. Јас бев присутна и на раѓањето на бабињата. Тие уште се на мајчино млеко, но се љубопитни, додека ги храниме мајките и тие сакаат да пробаат од храната“, вели Александра.

    Бебето гибон кое се роди во ноември излезе од своето затворено живеалиште. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Од минатата недела посетителите на Зоолошката градина можат да го видат и бебето гибон, кое со мајката Бетка излегоа надвор од затвореното живеалиште.

    „Бебето гибон се роди во ноември, но уште не знаеме дали е машко или женско оти  до деветиот месец не се дели од мајката. Затоа уште не сме му дале име“, вели Александра.

    Лемурите во Зоолошка.(Фото: Ѓ.Личовски)

    Зоо негователите апелираат до посетителите да не им даваат храна на лемурите и останатите животни во градината бидејќи имаа посебен режим на исхрана според нутритивна програма. Дел од храната која посетителите им ја даваат е опасна за нив. Затоа сите кои ќе бидат затекнати како ги хранат животните ќе бидат избркани од градината.

    Бебето гибон девет месеци не се дели од мајката, па уште нема име оти Зоо негователите не знаат дали е машко или женско. (Фото: Ѓ.Личовски)

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира