ФОТОРЕПОРТАЖА – ЕДНО ПОПЛАДНЕ ВО КОНТРОЛНАТА КУЛА НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ

    ФОТОРЕПОРТАЖА – ЕДНО ПОПЛАДНЕ ВО КОНТРОЛНАТА КУЛА НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМОд тука се контролираат сите движења по пистата, патеките за рулање, паркирните позиции и приодите за слетување и ориентационите точки околу Скопскиот аеродром. Фото: Ѓ. Личовски

    Наближува 17 часот. Градежната механизација и камионите што работат на преслекување на асфалтот на пистата на Скопскиот аеродром привршуваат и треба наскоро да ја ослободат за сообраќај. Во контролната кула на должност е Горан Бошески. Во наредниот час, според редот на летање се најавени 6-7 слетувања, а веднаш потоа и полетувања на истите авиони. До Горан е колегата Тодор Кикерковски. Тој е на работа, но во тоа време не е на должност затоа што за време на смената што му трае осум часа контролорите два часа работат, а потоа еден час одмараат за да можат пак да работат. Овој принцип на работа е определен земајќи ги предвид и научните норми за 100% концентрација, како и избегнување на симптомите за долготраен замор.

    Градежна механизација на пистата на Скопскиот аеродром (Фото: Ѓ. Личовски)

    Нашата екипа им упадна на Горан и Тошо токму кога и двајцата коментираа дали сите работници си заминале од пистата и дали си зеле сè со себе. Горан даде дозвола по пистата уште еднаш да помине возило на аеродромската служба за да провери да не има некој остаток на асфалтот, потоа помина и специјалното возило за бркање птици, за секој случај го зеде и двогледот да види дали е сè во ред и веќе во 2 минути по 17 часот му даде дозвола за слетување на првиот „ербас 321“ што доаѓаше од Франкфурт Хан. Во меѓувреме малку гужва направи еден хеликоптер на Британското кралско воздихопловство што правеше тестирање на платформата на стариот терминал, но контролорите брзо го пренасочија да направат простор за цивилните авиони. Во слободните интервали едно „злинче“ на македонското возудхопловство си правеше тренажно слетување и полетување.

    Контролорот Горан Бошевски прави дополнителна проверка, ако треба и со двоглед за да испрати контола со возило или возило за бркање птици на пистата (Фото: Ѓ. Личовски)

    И така си поминавме едно пријатно, редовно, мирно попладне во Контролната кула дочекувајќи и испраќајќи 6-7 авиони на различни авикомпании некаде до зајдисонце, па ги оставивме нашите домаќини да си бркаат работа.

    Додека се реконструира пистата на аеродромот, сообраќајот е ограничен и збиен во раните утрински часови и попладне, па преку цела ноќ. Наскоро реновирањето треба да заврши па сообраќајот ќе се нормализира. Од Македонска навигација МНАВ очекуваат ова лето, во некои фрекфентни денови од неделата, на пример во саботите, да бележат рекордни бројки на слетувања и полетувања на Скопскиот и Охридскиот аеродром – над 150 дневно. Сообраќајот се враќа полека во рамките на пред-ковид периодот. За време на летниот период Обласната контрола во Скопје во најфреквентните денови опслужува повеќе од 1000 прелети.

    Во обласната контрола на летање во најфрекфентни периоди се следат и над 1000 прелети дневно (Фото: Ѓ. Личовски)

    Воздушниот простор е поделен на сектори.

    Највисокиот дел од небото над Македонија, односно сите прелети над 4,5 километри височина го контролира Обласната контрола на летање.

    Воздушниот простор под 4,5 км до 1,2 километи над земјата е приодната контрола на летање и овие контролори ги наведуваат воздухопловите да заземат правец кон пистата за слетување.

    Откако ќе бидат поставени во правец кон пистата за слетување воздухопловот се најавува на Контролната кула. Во случајов, тоа беше прво Горан, па откако му дојде време за одмор, го замени Тодор. И секако – нашата екипа. Воздушниот простор за кој е одговорна Контролната кула е круг во чиј центар е пистата и отприлика 9 км радиус околу неа до височина од 1,2 км. Од тука се контролираат сите движења по пистата, патеките за рулање, паркирните позиции и приодите за слетување и ориентационите точки околу Скопскиот аеродром.

    Поглед од Контролната кула на пистата за време на слетување (Фото: Ѓ. Личовски)

    Под контрола на М-НАВ се и полициските, воените, спортските и противпожарните воздухопловите, оние за медицинска помош… Преку М-НАВ се врши и координација и најава за сите параглајдерски, падобрански активности како и летање на дронови во аеродромската воздушна зона.

    Контролорите за летање се обучуваат во странство бидејќи кај нас нема школски центар за обука. Самата обука започнува од селекцијата на заинересираните, вообичаено не постари од 26 години со одлично познавање на англиски јазик. Селекцијата се врши со специјализиран тест . По селекцијата кандидатите одат на првична теоретска и симулаторска обука во лиценциран центар согласно пан-европските регулативи за обука. По успешно завршување кандидатите продолжуваат со обуката во рамите на М-НАВ каде повторно има симулаторска обука и обука на работното место. Периодот за стекнување на лиценца за самостојно работење е околу 2 години.

    Во фрекфентен ден на Скопскиот и Охридскиот аеродром има и до 150 полетувања и слетувања Фото: Ѓ. Личовски)

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира