ФРАНЦУСКИ АВАНТУРИСТИ СО „ПЕЖО 205“ ДОНЕСОА ТРИ ТОНИ УЧИЛИШЕН ПРИБОР ЗА УЧЕНИЦИТЕ ВО КРИВА ПАЛАНКА

    ФРАНЦУСКИ АВАНТУРИСТИ СО „ПЕЖО 205“ ДОНЕСОА ТРИ ТОНИ УЧИЛИШЕН ПРИБОР ЗА УЧЕНИЦИТЕ ВО КРИВА ПАЛАНКА„Кога биравме град во Северна Македонија, се консултиравме со Амбасадата на Франција, која ни ја посочи Крива Паланка како франкофонска лулка каде учениците и професорите се многу активни и ја шират француската култура, па затоа ние со задоволство дојдовме во оваа општина“, велат француските авантуристи (Фото: СДК.МК)

    Три тони училишен материјал и спортска опрема за учениците во Основното училиште „Јоаким Крчовски“, донираа учесниците на шестиот автомобилски караван „Еуроп-Раид“, кои со возила „пежо 205“ вчера попадне пристигнаа во Крива Паланка. Помошта е наменета, пред сѐ, за учениците од руралните средини, а ја обезбедија млади луѓе од Франција – 860 авантуристи, кои со своите автомобили ќе поминат над 20.000 километри во 20 европски земји. Тргнале од Франција, на 27 јули, досега ги посетиле Швајцарија, Италија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Грција, ќе продолжат преку Бугарија и Романија, а турата на 18 август ќе ја завршат во близина на Париз. Македонија им е 11.земја каде што престојуваат.

    На својата авантуристичка тура тргнаа 260 екипажи кои ќе донираат вкупно 17 тони училишна и спортска опрема во повеќе балкански земји (Фото: СДК.МК)

    „Нашата идеја е да патуваме и да ги посетиме земјите од Европа, а воедно секој ден избираме по еден град во земјите од Западен Балкан, каде што ја донираме нашата помош. Кога биравме град во Северна Македонија, се консултиравме со Амбасадата на Франција, која ни ја посочи Крива Паланка како франкофонска лулка каде учениците и професорите се многу активни и ја шират француската култура, па затоа ние со задоволство дојдовме во оваа општина. Идејата ни е да посетиме што повеќе земји. Младите луѓе и авантуристи од сите земји сакаат да патуваат низ светот и да уживаат во природните убавини, да се запознаваат со културата и традицијата на овие земји и воедно да донираат“, изјави Бенџамин Ландан, претседател и организатор на „Еуроп-Раид”.

    „Оваа голема автомобилска авантура шири мир и пријателство со луѓето од Европа и светот, а ние сме горди што токму Крива Паланка е избрана за град во нашата земја, каде што предстојуваат младите авантуристи од Франција. Многу нѐ задолживте како земја и ние ќе бидеме почитувачи на оваа Ваша благородна идеја што ја ширите“, рече градоначалникот на Крива Паланка Бојанчо Мицевски.

    „Радосни сме што можевме да усреќиме голем број ученици, особено од руралните средини“, велат организтаорите на акцијата (Фото: СДК.МК)

    Како посебен куриозитет, тој им посочи на француските пријатели дека во рамките на Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“ во изминатите 33 години француските ликовни уметници, кои учествувале на оваа манифестација, создале врвни дела, а сликарот Мишел Раби толку се вљубил во манастирот, што пепелта после неговата смрт е распослана на падините на Осоговијето како негово вечно почивалиште каде нашол мир и спокојство.

    Амбасадорот Кристијан Тимоние кажа дека овој преубав настан отвара можности за запознавање на природните убавини, културите и знаменитостите на европските и балканските земји,што сите ќе ги паметат.

    Три тони училишен материјал и спортска опрема за учениците во Основното училиште „Јоаким Крчовски“, донираа учесниците на шестиот автомобилски караван „Еуроп-Раид“ (Фото: СДК.МК)

    „Пријателството и блискоста на нашите земји ќе продолжиме да ги градиме во сите сфери на соработка и реализација на заеднички проекти. Особено сум почестен од иницијативата на градоначалникот да станам почесен граѓанин на Крива Паланка и со гордост ќе ја носам оваа титула. Франкофонството во оваа општина е силна врска која ја поврзува Крива Паланка со нашата земја и секогаш сме подготвени да ја подржиме“, рече амбасадорот Тимоние.

    За овој настан општина Крива Паланка, заедно со волонтерите на Опшинската организација на Црвен крст организираа сместување на учесниците и нивните автомобили на повеќенаменското игралиште во спортскиот комплекс. Импресивна беше глетката на огромен број паркирани возила, поставени шатори, подвижни тоалети и тушеви, додека француските авантуристи уживаа во престојот и се забавуваа под светлината на ламбите и ѕвезденото небо, одморајќи во свежината на планинскиот воздух. Учесниците, главно млади луѓе од 20-23 години, истакнаа дека се презадоволни од организацијата и пречекот на општина Крива Паланка на нивната тура.

    „Овој спектакуларен пречек и вниманието кое ни го посветија граѓаните нѐ задолжува да ја промовираме Македонија и Крива Паланка и нашата соработка ќе продолжи. Радосни сме што денес можевме да усреќиме голем број ученици, особено од руралните средини, со што ја постигнавме нашата цел заради која ја реализираме оваа автомобилска рута“- вели Жерамин Ландан, еден од организаторите на Еуроп-Раид“.

    Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние и градончалникот на Крива Паланка Бојанчо Мицевски со организаторите на акцијата (Фото: СДК.МК)

    Кривопаланчани, пак, дадоа огромна поддршка на француските авантуристи и покажаа невиден интерес за овој несекојдневен настан. Францускиот амбасадор Тимоние и учесниците на „Еуроп-Раид“ беа пречекани со франкофонски музички хепениг во дворот на ООУ„Јоаким Крчовски“, а на повеќенаменското игралиште се одржа и културно-уметничка програма на која учествуваа фолклорните друштва од општината, додека во ноќните часови сите се забавуваа на голема журка со диџеи. Членките на клубот „Достоинствен живот“ од Црвениот крст на Крива Паланка, пак, го заокружија пречекот со автентични кривопаланечки специјалитети наменети за француските гости.

    Учесниците на големиот Европски авантуристички автомобилски караван „Еуроп раид”, денеска ќе го продолжат патувањето низ Бугарија. На својата авантуристичка тура тргнаа 260 екипажи кои ќе донираат вкупно 17 тони училишна и спортска опрема во повеќе балкански земји.

    С. НИКОЛИЌ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари