Францускиот министер за внатрешни работи го бранеше „скапоценото“ право на сончање топлес откако полицијата побарала од група жени на плажа на Средоземно Море да си ги покријат градите. Трите жени биле опоменати од полицајците на плажа во Сент-Мари-Ла-Мер откако на нив се пожалило едно семејство со деца.
„Слободата е скапоцена вредност. Беше погрешно да се побара од жените да се облечат и нормално е официјални лица да признаат кога грешат“, напиша министерот Жералд Дарманан на Твитер.
Од полицијата кажаа дека тие само сакале да ја смират ситуацијата, инсистирајќи дека нема официјална забрана за сончање топлес во градот. Сепак, нивната акција предизвика лавина од критики на социјалните мрежи.
Една анкета од минатата година покажа дека само 22% Французинки сакаат да се сончаат топлес, во споредба со 48% Шпанки и 34% Германки.