Во својот долг живот, Рожер Тибервил никогаш не бил во гратчето во Нормандија што го носи неговото презиме. Тој наследил имот во Париз и работел како метеоролог.
Но, откако Тибервил починал во август на 91 година, не оставајќи наследници, градоначалникот на Тибервил примил неочекуван повик. Тибервил му оставил десет милиони евра на гратчето со само 1.773 жители.
Градоначалникот Ги Пари вели дека изненадените и пресреќни локални луѓе и официјални лица сега размислуваат како да го потрошат овој подарок, кој е петпати поголем од годишниот буџет на градот.
„Тоа е исклучителна сума на пари, над она што можеме да го замислиме. Уште не знаеме што ќе правиме со нив. Нема сите да ги потрошиме, ќе се однесуваме со нив претпазливо и одговорно“, кажа Пари.
Градот треба да отплати банкарски заем од 400.000 евра за изградба на ново основно училиште. Бидејќи гратчето е јавно тело, нема да мора да плати данок на наследство.
„Единствената врска на Тибервил со нашиот град е неговото презиме. Дознавме дека живеел скромно во Париз, каде што имал четири стана. Не успеавме да најдеме ни фотографија од него. Тој не барал ништо за возврат од нас“, кажа Пари.