Французин пронашол златни прачки и монети во вредност од околу 700.000 евра додека копал во својата градина поради изградба на базен, објавија локалните власти.
Мажот, чие име не е објавено, го пронашол богатството во својот дом во гратчето Невил-сур-Саон близу Лион и го пријавил тоа во регионалната дирекција за културни работи. Локални официјални лица кажаа дека тој може да ги задржи пронајдените предмети бидејќи не станувало збор за археолошко богатство.
Весникот „Ле Прогрес“ објави дека пет златни прачки и многу монети биле закопани во пластични кеси.
„Полицијата утврдила дека златото било набавено легално и било стопено пред 15-20 години во локална рафинерија. Претходниот сопственик на градината починал и останува нејасно како златото завршило таму“, објави весникот, цитирајќи ги градските власти.



