Често соочувајќи се со проблеми во пристапот кон продавници и кафулиња, Германката Рита Ебел посегнала по забавно решение – рампи од лего коцки.
Шеесет и двегодишната Ебел е во инвалидска количка откако пред 25 години доживеала сообраќајна несреќа.
„Секој како мене наеднаш може да се најде во ситуација да биде во инвалидска количка. Ова е мој обид да го направам светот послободен од бариери“, вели Ебел.
Таа ја изградила првата рампа пред една година, а денес можат да се најдат на влезот во десетици локални продавници. Со помош на својот сопруг, Ебел дневно поминува два-три часа во градењето на рампи што ѝ ги нарачуваат и секоја од нив се состои од стотици мали пластични коцки, кои ги зацврстува со лепак.
„Никој не поминува преку лего рампа без да застане и да ја погледне. Има деца кои се обидуваат да ги растурат коцките“, додаде Ебел.
Идејата на Ебел почна да се шири и надвор од нејзиниот град Ханау и Германија. Таа веќе испратила инструкции за градење во Австрија и Швајцарија, а интерес има и од Шпанија и од училишта во САД.