Германскиот весник „Дер Тагесшпигел“ објави имиња на повеќе од 33.000 мигранти кои починале во обид да стигнат до Европа.
Весникот на овој начин сакал да испрати моќна порака за рестриктивната политика на Европа кога е во прашање регистрирањето бегалци, мигранти и лица кои бараат азил.
„Сакаме да потенцираме дека овие мртви се човечки суштества, кои имале потекло, минато и живот“, се вели во појаснувањето на весникот.
Минатата година беше најсмртоносна за мигрантите кои преку Средоземно Море сакаа да стигнат до Европа и во тие очајнички обиди загинаа над 5.000 луѓе. Нивниот наплив предизвика и политичка криза низ континентот, додека, истовремено, се зголемуваше моќта на екстремната десница.
„На овој начин сакаме да им оддадеме почит, при што секој ред кажува посебна приказна“, велат уредниците Штефан-Андреас Каздорф и Лоренц Маролт.
Листата, чија статистика почнува од 1993 година и вклучува имиња на луѓе од Сирија, Сенегал, Шри Ланка и од голем број други земји, беше создадена од турскиот уметник Бану Ченетоглу.
Таа беше објавена на 9 ноември, што е важен датум во поновата германска историја: на тој ден во 1938 година се случи Кристалната ноќ, кога почнаа првите масовни напади врз Евреите, а потоа во 1989 година падна Берлинскиот ѕид.