ГИ ЗАПОЗНАВАМЕ РЕТКИТЕ БОЛЕСТИ: БЕХЧЕТОВА БОЛЕСТ

ГИ ЗАПОЗНАВАМЕ РЕТКИТЕ БОЛЕСТИ: БЕХЧЕТОВА БОЛЕСТ

Со едукативната кампања „Ги запознаваме ретките болести“ на Здружението за лица со ретки болести „Живот со предизвици“, секој ден во февруари се зборува за една ретка болест, начинот на дијагностицирање, третман и предизвиците со кои се соочуваат луѓето што живеат со неа. Како ја добиваат дијагнозата? Дали има некаков лек? Колку и дали воошто се пристапни и достапни лековите? – се прашањата кои се откриваат во кампањата.

Behcet’s disease
Бехчетова болест
МКБ М35.2
Преваленца (распространетост): 1-9/100.000

Болеста на Бехчет, исто така позната како синдром на Бехчет, припаѓа на групата ревматски заболувања. Болеста на Бехчет се карактеризира со хронична појава на афтозен улкус на слузницата на усната шуплина како и на надворешните гениталии на жените, но и внатрешноста на вагината, воспаление на зглобовите, церебрални обвивки, воспаление на помалите и поголемите крвни садови.

Овој синдром е скоро двојно почест кај мажите отколку кај жените. Обично се јавува во 20-тите години од животот, а многу ретко во детството. Болеста е именувана по турскиот лекар Хулуси Бехчет, кој прв го опишал овој синдром во 1937 година.

Видеото за Бехчетовата болест е достапно на следниов линк.

Причини за заболување од Бехчет

Она што точно ја предизвикува болеста на Бехчет сè уште не е познато, но многумина тврдат дека станува збор за автоимуна болест. Сепак, се смета дека генетската предиспозиција игра голема улога. Појавата на оваа болест е невозможно да се спречи затоа што сè уште не се знае која е точната причина.
Болеста не е иста кај сите пациенти. Некои пациенти можат да имаат лесна болест со ретки епизоди на лезии на кожата додека други можат да развијат болест на нервниот систем. Болеста е обично посериозна кај мажите отколку кај жените.

Симптоми на болест Бехчет:

Симптомите на болеста Бехчет често се разликуваат од личност до личност, но најчести симптоми на оваа болест се:

– ранички во устата (афти) – често пати се првиот симптом на болеста Бехчет. Кај повеќето пациенти на почетокот се јавуваат мали ранички во устата, кои со текот на времето стануваат поголеми и често предизвикуваат непријатност;
– ранички на гениталиите – тие се слични по изгледот и формата на афтите. Кај мажите, тие се наоѓаат почесто на скротумот отколку на пенисот и скоро секогаш оставаат лузни;
– промени на кожата – се појавуваат во многу форми и обично се слични на мозолчиња и акни. Најчесто се јавуваат во период по пубертетот;
– промени во очите – еден од најсериозните симптоми на болеста, обично се јавува на двете очи. Ваквата промена во очите се карактеризира со заматен вид, црвенило на очите и често постепено губење на видот;
– невролошки промени – тие се јавуваат многу ретко, а доведуваат до напади, главоболки и зголемен притисок во главата. Невролошките промени се почести кај мажите;
– промени во зглобовите (артритис) – се јавува кај 50 % од пациентите. Обично воспалението влијае на повеќе зглобови и трае до неколку недели;
– промени во крвните садови – се јавува кај 30 % од пациентите. Вените на листовите на нозете најчесто се зафатени, а често се јавува болен оток;
– промени во желудникот – некои истражувања покажуваат дека многу ретко доаѓа до создавање на ранички во цревата.

Последици од болеста Бехчет:

Речиси половина од пациентите развиваат благ, претежно непрогресивен артритис во колената и другите големи зглобови. Воспалението на крвните садови низ целото тело може да предизвика згрутчување на крвта. Всушност, тоа е причината поради која може да се појават аневризми кои можат да предизвикаат мозочен удар или оштетување на бубрезите. Ако е зафатен дигестивниот систем, симптомите можат да бидат благи, но многу често се сериозни, како што се грчеви и дијареја. Синдромот на Бехчет е крајно непријатен бидејќи симптомите можат постојано да се повторуваат. За жал, синдромот на Бехчет не може да се излечи, но има периоди кога болеста е во ремисија. Ремисијата може да трае со недели или години, но болеста може и да се повтори. Можна компликација на овој синдром е парализата, а понекогаш и оштетувањето на некој органски систем може да биде фатално.

Третман на болест Бехчет:

Бидејќи сè уште не се познати точните причини за болеста на Бехчет, третманот е индивидуален. Веќе при појава на првите симптоми треба да се побара консултација со лекар. Она што е важно да се потенцира е дека не постои лек што може да ја излечи болеста, туку терапија за олеснување на симптомите.
Дијагнозата на овој синдром подлежи врз клинички преглед бидејќи не постои тест што може со сигурност да покаже дека се работи за Бехчет синдром. Симптомите се слични на оние на други болести како што се: Синдром на Рајтер (Реитер), Синдром на Стив Џонсон (Стевен Јохнсон Сѕндроме), лупус, Кронова болест или улцеративен колитис. Лекарот кој ја следи состојбата на пациентот со овој синдром, може да препорача некои креми, гелови или капки за лекување на симптомите, како и лекови за зајакнување на имунитетот.

Кортикостероидите се користат за раничките на кожата и поголеми воспаленија на очите и нервниот систем. Циклоспоринот, исто така може да се користи за лекување на симптоми поврзани со воспаленија на очите. Она што дефинитивно се препорачува по престанокот на симптомите е рекреација за одржување на флексибилноста на зглобовите. Карактеристично за синдромот Бахчет е повторување на болеста. Кога болеста се враќа, често пати е придружена со потешки симптоми отколку при појавувањето на болеста. Всушност, не постои соодветен начин да се заштитите бидејќи причината за самата болест е непозната.
Ако имате синдром на Бехчет може да очекувате нормална бременост, но треба да се консултирате со вашиот гинеколог доколку користите „поагресивна терапија“ којашто може да биде штетна за развојот на вашето бебе. На сите пациенти им се препорачува да консумираат здрава, урамнотежена диета со соодветно внесување на калциум и витамини.

За проектот:
Гордана Лолеска, Супер радио и „Живот со предизвици“ и овој февруари Ве запознаваат со ретките болести во Република Македонија со надеж дека преку овие 28 ретки дијагнози сите заедно ќе научиме нешто повеќе.
Првиот ден на ретки болести беше одбележан во 2008 година, точно на 29 февруари, „редок“ датум кој се случува само еднаш на секои четири години. Од тогаш, Денот на ретки болести се одржува секоја година на последниот ден од февруари, месец познат по тоа што има „редок“ број на денови.
Денот на ретките болести е меѓународна кампања за подигнување на свеста за ретките болести. Од почетокот во 2008 година, илјадници настани се организираат низ целиот свет и опфаќаат милиони луѓе. Кампањата започна како европски настан и со текот на времето стана глобален феномен, со учество на над 90 земји од целиот свет во 2018 година.
Република Македонија за прв пат се вклучи во одбележување на овиј редок ден во 2013 година.
Кампањата за Денот на ретки болести е за пошироката јавност, за релевантните институции и секој е добредојден да се придружи: пациенти и семејства, организации на пациенти, медицински професионалци, истражувачи, фармацевтска индустрија, јавни здравствени институции – колку повеќе не има, толку подобро. Денот на ретките болести е можност за учесниците да бидат дел од глобалниот повик кон креаторите на политики, истражувачите, компаниите и здравствените професионалци повеќе и поефикасно да ги вклучат пациентите во истражувањата за ретки болести.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира