СО ГЛАСОЕЧКО ПЕЕЊЕ ТЕШКО ЌЕ ФАТИШ ДЕВОЈКА, АМА ТРАДИЦИЈАТА МОРА ДА ПРОДОЛЖИ

    СО ГЛАСОЕЧКО ПЕЕЊЕ ТЕШКО ЌЕ ФАТИШ ДЕВОЈКА, АМА ТРАДИЦИЈАТА МОРА ДА ПРОДОЛЖИСашо Костадиновски, Бобан Трпковски и Мирослав Симјановски од Теарце се единствените млади пејачи кои го наследија музичкиот учител Миле Гавроски во гласоечкото пеење, признаено од УНЕСКО за светско нематеријално културно богатство од Македонија (Фото: СДК.МК)

    „Што се бели горе Шар Планина, дал е снегче или бело стадо овци.…“, ечи песната во училишната сала во село Теарце, во тек е една од редовните проби на пеачкото трио на КУД „Кирил Пејчиновиќ“ . Оваа стара мекедонска гласоечка народна песна ја пеат тројца млади момчиња Сашо, Бобан и Мики под будното око на нивниот музички учител Миле Гавроски. Гласоечкото пеење е карактеристично пеење кое може да се слушне во повеќе региони во Македонија, па и во околните земји, но овој вид пеење во Долно Полошките реони Поселие и Подгор си има своја специфика која го прави посебно. За гласоечкото пеење најмногу знае Миле Гавроски. Миле е жива музичка енциклопедија, вели знае можеби 600 гласоечки песни. Ги пееше во надалеку познатото Трио Гавроски заедно со син му и брат му, а сега своето знаење им го пренесува на овие тројца млади пејачи.

    „Гласоечко пеење се вика зошто гласно се пеело. Немало порано музички инструменти па  мажите а и жените кои во минатото ги пееле морале силно да викнат за да се слушне песната. Така и ова пеење кај нас  си го добило ова име, а некаде се среќава и под името селско пеење. Песните што ги пееле овие наши предци ја опишуваат целата историја на нивното живеење. Тоа се песни кои зборуваат за тешкиот живот под турското ропство, за зулумите кои се правеле врз селаните, за работата на поле, за бројните народни јунаци. Се пееле на свадби, веселби, на слави, на поле. Порано гласоечкото пеење го пееле и мажи и жени но сега, најчесто мажите се тие кои го пеат. Ова пеење е без инструментална придружба, а капела, најчесто се пее во два гласа но има и песни со трогласно пеење. Кај нас најмногу се пееле во Поселието и во Подгор, а вакви песни се присутни во цела Македонија па и во соседните земји, но секоја земја, секој регион си има своја крактеристика на пеењето исто како што има разноликост и во народните носии. Зборовите на песната се исти, но во Поселие се разликува начинот на пеењето, акцентот и некои други елементи на песната од оној во Подгор“, вели Миле Гавроски.

    Гласоечкото пеење е без инструментална придружба, а капела, најчесто се пее во два гласа но има и песни со трогласно пеење. Кај нас најмногу се пееле во Поселието и во Подгор, а вакви песни има во цела Македонија; – од настапот на фестивалот во Долнени (Фото: приватна архива)

    Гласоечкото пеење својата голема вредност ја потврди минатата година кога од УНЕСКО беше признаена за светско нематеријално културно богатство и зедно со народното оро Копачка засега се единствените заштитени нематеријални културни богатства од Македонија. Овој специфичен начин на пеење беше голем предизвик со него да се бават тројца млади пеачи кои работата ја сфатија крајно сериозно.

    „Жал ми е што морам да кажам дека од нашата генерација ние тројцата, Бобан, Мики и јас сме единствените кои професионално го негуваат овој начин на пеење. Но ни ова немаше да се случи ако тука не беше нашиот ментор Миле Гавроски, бидејќи тоа што тој нам нѝ го пренесува е од непроценливо значење. Тој нѝ ја пренесе таа љубов и не зарази со овој начин на пеење. Ние тројцата гласоечкото пеење го прифативме со целосна професионалност и, можеби еден ден, после многу труд и работа, ќе може да кажеме дека сме станале вистински исполнители на гласоечкото пеење и доследни наследници на надалеку чуеното трио Гравроски“ , вели Сашо Костадиновски, кој е дипломиран етнокореолог и уметнички раководител на КУД „Кирил Пејчиновиќ“.

    Триото уште нема име туку се води како пејачко трио при КУД „Кирил Пејчиновиќ“ од Теарце. За големиот ентузијазам на овие три млади момчиња и за нивниот сериозен пристап кон овој начин на пеење зборуваат и бројните награди и први места кои ги освоиле на фестивалите на традиционални народни песни. Од фестивалот „Илинденски денови“ редовно се враќаат со освоено прво место, учесници се на фестивалот во Долнени, а од бројните настапи во странство најголемиот успех го постигнуваат на фолклорниот фестивал во Бурса, Турција. Велат, стручните лица лесно го препознаваат квалитетот, но денешната младина овој начин на пеење потешко го прифаќа.

    Триото уште нема име туку се води како пејачко трио при КУД „Кирил Пејчиновиќ“ од Теарце; – од настапот во Бурса, Турција (Фото: приватна архива)

    „Во овие наши денешни, да речам, современи времиња, кај младите не постои некој голем интерес за овој вид пеење. Често пати кога ќе го слушнат нашето пеење велат им делувало одбивно, или дека било многу сељачко пеење . Но ова нас не нé обесхрабрува, бидејќи имавме и случаи кога на некои млади лица подетално им објаснивме што е тоа што ние го правиме и што значи ова пеење, тоа придонесе  кај нив се јави заинтересираност и сега на овој вид пеење  гледаат сосем поинаку и брзо го прифатија. Можеби не можат и тие така да пеат, но гледаме дека почнуваат да уживаат во нашето гласоечко пеење“ вели Костадиновски.

    „Мојата прва средба со гласоечкото пеење беше на еден собир на Богородица, кога баба му на Сашо и нејзините пријателки запеаја една стара песна. Тој начин на пеење тогаш ми дојде многу убав, некако ми легна на душата и јас добив голема желба да запејам. Така почна моето дружење со гласоечкото пеење, а преку работата во КУД Кирил Пејчиновиќ пеењето го подигнав на едно професионално ниво. За мене најважно е да имаш љубов и желба за ова пеење, се другото самото по себе ќе си дојде, и успесите и љубовта и сето останато. Иако денес пејачите се многу популарни личности, со гласоечкото пеење па и не можеш да имаш многу фанови или пак да речеме така лесно да фатиш девојка, бидејќи за голем дел од нив ова е нешто старо и неатрактивно во споредба со турбофолкот. Но, за наша среќа работите се мануваат кон подобро и благодарение на нашите успеси на бројни фестивали, благодарение на трудот и љубовта која ја внесуваме во фолклорот, имам сé повеќе пријателки кои го ценат и почитуваат моето гласоечко пеење“, вели Бобан Трпковски, кој е студент на Технолошко-металуршкиот факултет.

    Гласоечкото пеење може и стучно да се опише, но вистинската вредност ја добива кога ќе се слушне овој вид пеење, кога ќе предизвика бура од емоции посебно кај постарите лица кои преку овие песни ќе се потсетат на својата младост и на дамнешните времиња.

    „За мене најголема сатисфакција за да продолжам да го негувам гласоечкото пеење се оние моменти кога, додека ги пееме овие песни, ќе забележам некои од постарите како солзи им одат на очите, како емотивно ги чувствуваат овие песни. Често пати ќе ни речат ‘Ајде викнете една да ве слушнеме’. Еднаш така пеевме во село Сиричино кога дојде една стара жена, можеби ги имашее деведесетина години, и ни довикна ‘Леле златни деца, ве слушнав од далеку како пеете и морав да дојдам да ве видам, ме потсетивте кога бев млада и кога во лозјата над село ја пеевме истата оваа песна ‘Бела Рада лозје копа”, и заедно со бабата ја запеавме оваа песна. Ја потсетивме бабата на нејзината младост на традицијата. Ме држеше за раката, ме стегаше и плачеше од радост“, раскажува Мирослав Симјановски, третиот член од триото, кој студира психологија.

    Пробата на триото продолжува, Миле Гавроски будно ја следи секоја отпеана нота за да звучи токму онака како ја пееле нашите дедовци и прадедовци. Традицијата мора да се запази и негува и за тоа нема цена.

    „Јас сум воодушевен од овие три момчиња.  Тие со огромно задоволство ги пеат овие песни, се интересираат да научат нови. Песните кои јас им ги пренесувам и ги пеат чисто гласоечки, чиниш го слушаш Триото Гавроски, но имаат уште многу да учат за пеењето и јас тука и им стојам целосно на располагање. Сакам да ги усовршим и да им го пренесам сето мое знаење. Ако ова мое знаење, овие песни што ги паметам уште од кога сум бил мал нема кому да ги пренесам, тоа ќе биде голема загуба за сите нас и за нашиот народ. Затоа, сакам од срце да им помогнам за да продолжат по овој пат“, вели Гавроски.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира