Здружението за борба против рак „Борка“ денес освои сребрен медал на традиционалното женско авто-рели, кое секоја година се организира по повод Меѓународниот ден на жената 8 Март. Трката место на 8 Март, се одржа денес, а жените возеа од скопско Дебар Маало до Автокоманда.
Од „Борка“ велат дека прв пат учествуваат на трката, и дека победата им ја посветуваат на сите жени болни од рак.
„Чест ми е што имам можност да им честитам на овие исклучителни жени. Им честитам на успесите и на трката. Денес без разлика на времето и врелите гуми, сите жени на оваа трка се победници“, кажа Биба Додева, претседател на „Борка“.
Таа рече дека не сака да заплашува, но дека за жал секој ден 13 луѓе во Македонија умираат од рак, а на 20 лица им се дијагностицира рак.
„Секоја осма жена, тука меѓу, нас за жал ќе се соочи со рак на дојка. На пациентите болни од рак во Македонија не им е лесно. Патот е трнлив, условите за лекување не се идеални, лекови нема секогаш и навреме, но сепак не е невозможено ракот да се победи, само ако се открие навреме. Во ‘Борка’ силно веруваме во ова. Затоа денес во име на сите жени кои се борат против рак, го славевме животот. Членките на ‘Борка’ денес решија да победат на трка, да збрчат низ скопските улици. Дадоа се од себе, се тркаа со жени кои повеќе од 10 години професионално победуваат на овие трки. Победија за сите жени кои се борат со ракот, денес го збрчивме ракот, им честитам, вели Додева, претседателка на Здружението „Борка“.
Од „Борка“ велат дека нивна цел е со оваа трка да им порачаат на жените болни од рак дека не се сами, дека ја имаат нивната поддршка и дека може да сметаат на заедничка борба.