„Алкалоид” ќе ја заврши оваа година со извоз од околу 180 милиони евра, што е 70% од вкупните продажби на компанијата. И покрај бројните предизвици, компанијата во изминатиот период успеа значително да го зајакне своето присуство на многу европски пазари, кои се најголем приоритет за зголемување на извозот во следниот период.
Живко Мукаетов, првиот човек на „Алкалоид”, очекува 2024 да биде тешка, но успешна година за компанијата.
„Нашите очекувања се дека во тековната година ќе успееме да оствариме двоцифрен раст во клучните финансиски параметри. Ова, пред сѐ, се должи на забележителниот недостиг на антибиотици и сирупи за настинка од други производители на повеќето извозни пазари. Овие недостатоци успеавме да ги покриеме преку зголемен обем на производство и продажба на вакви производи од нашето портфолио. Во тек е подготовка на плановите за наредната година, а првичните најави од нашите пазари се дека повторно нѐ очекува тешка, но успешна година“, вели Мукаетов во интервјуто за специјалната едиција „Топ 100 извозници“.
Тој истакнува дека пазарите од регионот се основата на работењето на „Алкалоид“, но во изминатите години значително е зајакнато присуството и на многу пазари во ЕУ.
„Потенцијалот за раст на компанијата, пред сѐ, го гледаме на овие пазари како прв приоритет. Секоја година отвораме и по неколку нови пазари, па во 2023 го обезбедивме нашето присуство во Италија, Малта, Чиле, Австрија, Саудиска Арабија. Оваа година отворивме и наша компанија во Букурешт. Нашите очекувања се оваа година да оствариме вкупен извоз од околу 180 милиони евра“, кажа Мукаетов.
Смета дека извозот е единствената сила која може да придвижи напред помала национална економија како македонската.
„Сите чинители во нашето опкружување можат многу да помогнат во остварувањето на оваа основна економска цел. Во тој контекст, потребно е да се обезбеди рационализација во бирократските постапки, кои можат да бидат уште попродуктивно поставени или олеснети. Несомнено дека за подобри резултати на извозниците од голема полза е и обезбедувањето уште поголема финансиска поддршка за оние кои континуирано инвестираат во производство, истражување и развој и во зголемување на извозните активности, што на долг рок овозможува повеќекратно обезбедување поврат на тие средства“, вели Мукаетов.