ГОДИШНО СЕ ФРЛААТ 12.000 ТОНИ ХРАНА, УТРЕ ПОЧНУВА ХУМАНИТАРНАТА АКЦИЈА „НАХРАНИ 10.000“

    ГОДИШНО СЕ ФРЛААТ 12.000 ТОНИ ХРАНА, УТРЕ ПОЧНУВА ХУМАНИТАРНАТА АКЦИЈА „НАХРАНИ 10.000“Организаторите препорачуваат граѓаните да донираат храна која не е лесно расиплива како : ориз, грав, сол, шеќер, брашно, тестенини, масло за готвење. - Од ланската хуманитарна акција (Фото: „Сите сити“)

    Утре во 10 градови низ Македонија ќе се одржи првиoт настан од националната хуманитарна акција „Нахрани 10.000“ за собирање на храна. Акцијата ја организира мрежата „Сите сити“, која е дел од граѓанската инцијатива „Мрдни со прст“.

    Организаторите препорачуваат граѓаните да донираат храна која не е лесно расиплива како : ориз, грав, сол, шеќер, брашно, тестенини, масло за готвење, грашок, конзервирана риба, кокошкина супа, бисквити, кечап, леќа, конзервирано овошје и зеленчук.

    Првиот настан ќе почне во 10 часот и ќе трае до 19 часот на повеќе локации во Скопје, Битола, Куманово, Прилеп, Струмица, Радовиш, Гевгелија, Гостивар, Кочани и Виница. Наша амбиција е секој месец да се случува оваа акција, и да прерасне во редовна активност во која граѓаните ќе им помагаат на ранливите категории сограѓани, кои не можат да си дозволат повеќе од еден оброк дневно“, вели Блаже Јосифовски од „Сите сити“.

    Листа на локации каде ќе може да се донира храна

    Според Државниот завод за статистика, во Македонија околку 445 илјади луѓе имаат проблем да обезбедат храна и во просек имаат по еден оброк дневно. Од друга страна, годишно во Македонија се фрлаат околу 12.000 вишок храна, со која 26.000 граѓани би имале три оброци дневно. Нејзината вредност се проценува на најмалку 11.6 милиони евра што може да се искористи како нова програма за социјална заштита“, велат од „Сите сити.“

    Организациите членки на Сите сити“ водат евиденција на различни категории на социјално загрозени граѓани, кои имаат потреба од оваа храна. Храната ќе се пренесува во вид на неделни и месечни пакети. Дел од храната граѓаните сами ќе ја подигнуваат, дел ќе се носи до нивните домови. Податоците со кои располагаат организаторите за тоа кои семејства се социјално загрозени се добиени од Заводот за статистика во однос на просечни примања по 4-члено семејство во Македонија.

    Според најновата студија на „Програмата на Обединетите Нации за животна средина“ (УНЕП), една третина од произведената храна во светот или околу 1.3 милијарди тони завршува како отпад.

    Македонија и покрај својата специфична социјална и економска ситуација, не се разликува од трендовите во развиените земји на фрлање храна. Околу 30 проценти од храната произведена или увезена во Македонија, никогаш не се консумира, бидејќи се расипува веднаш по берењето, во текот на транспортот или на крајот во отпад ја фрлаат големите трговски синџири и потрошувачите. Покрај тоа што сме држава која се соочува со висока стапка на сиромаштија и социјална несигурност, според Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации (ФАО), ние сме рангирани на осмото место во светски рамки по количина на фрлена храна според бројот на жители. Со намалувањето на количеството отпад од храна и дистрибуцијата на вишокот храна на луѓето на коишто им е потребна, Македонија може да го намали проблемот со гладот и сиромаштијата“, рекоа организаторите на акцијата.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира