ЃОКО РАДОВАНОВИЌ Е ДОБИТНИК НА АРХИТЕКТОНСКАТА НАГРАДА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО „АНДРЕЈА ДАМЈАНОВ“

    ЃОКО РАДОВАНОВИЌ Е ДОБИТНИК НА АРХИТЕКТОНСКАТА НАГРАДА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО „АНДРЕЈА ДАМЈАНОВ“Архитектот Ѓоко Радовановиќ е автор на 124 дела, вклучувајќи го и Соравиа Центар Скопје. (Фото: ААМ)

    Ѓоко Радовановиќ е добитник на наградата за животно дело во областа на архитектурата и градителството „Андреја Дамјанов” за 2020 година на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ). Управниот одбор на ААМ донесе ваква одлука откако за Радовановиќ, кој е дипломиран инженер архитект од Скопје, едногласно дадоа поддршка сите членови комисијата во состав: Мартин Гулески (претседател), Миодраг Митровиќ, Виолета Бакалчев, Јана Гугулоска Ѓорѓевиќ и Ѕвонко Тасевски.

    „Особено ми е драго што оваа награда се додели на еден истакнат архитект како што е Ѓоко Радовановиќ. Неговите архитектонски дела, стилот и изразот оставаат огромен белег, посебно на градот Скопје. Работата на архитект Радовановиќ е од суштинска важност за современата македонска архитектура, во целина”, кажа проф. д-р Мишко Ралев, претседател на ААМ.

    Наградата за животно дело „Андреја Дамјанов” е востановена на 28 декември 1989 година, а прв добитник е академик Крум Томовски. Наградата се доделува врз основа на јавен повик на кој можат да се пријават кандидати – државјани на Република Северна Македонија, додека право на поднесување на предлози имаат само членови на ААМ. Добитникот на наградата автоматски станува редовен член на Архитектонска Академија на ААМ.

    Ѓоко Радовановиќ зад себе има богато архитектонско творештво. Креатор е на проекти и објекти кои оставиле значаен белег на современата македонска архитектура. Автор е на 124 проекти, од кои негови позначајни архитектонски дела се: Соравиа Центар Скопје, Соравиа Ресорт Скопје, Спортскиот центар „Јане Сандански”, „Вила Дарко Панчев”, индустриски објект „Рио Кафе” и многу други. Во доменот на изработка на специфични проекти, се јавува како автор на „Студија за монтажни соларни куќи” и на „Студија за монтажни санитарни кабини”.

    За успешната кариера на Радовановиќ зборуваат и досегашните две големи награди за архитектура, доделени под покровителство на Претседателот на државата за Спортскиот Центар ,,Јане Сандански” (2014) и за „Индивидуален станбен објект со посебен режим на домување“ во Скопје (2016).

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира