ГРАДЕЖНИКОТ АЦЕ АНГЕЛОВ ТРИПАТИ ГОДИШНО ДОАЃА ОД ИТАЛИЈА ЗА ДА ГРАДИ ЦРКВА ВО РОДНОТО СЕЛО СОФИЛАРИ КАЈ ШТИП, СО НАДЕЖ ДЕКА ЌЕ СЕ ВРАТАТ ИСЕЛЕНИТЕ СОСЕЛАНИ

    ГРАДЕЖНИКОТ АЦЕ АНГЕЛОВ ТРИПАТИ ГОДИШНО ДОАЃА ОД ИТАЛИЈА ЗА ДА ГРАДИ ЦРКВА ВО РОДНОТО СЕЛО СОФИЛАРИ КАЈ ШТИП, СО НАДЕЖ ДЕКА ЌЕ СЕ ВРАТАТ ИСЕЛЕНИТЕ СОСЕЛАНИАнгелов пред седум години почнал да ја гради црквата „Св. Јоаким Осоговски“ во Софилари. (Фото: СДК.МК)

    Аце Ангелов од штипското село Софилари 20 години живее и работи во Италија. Таму има своја градежна фирма, а свои фирми имаат и ќерката и синот, кои се архитекти. Аце меѓу првите заминал од Софилари. На секое доаѓање во родното место, вели видливо било намалувањето на бројот на жителите во селото, кое порано имало над 300 жители.

    Денес се останати само неколкумина стари жители. Многумина млади тргнале по патот на Ангелови и заминале на печалба во странство.

    Кога се враќав во Софилари и кога од година в година ја гледав таа слика на сè попразно село, со сè поголем број напуштени куќи, од кои секоја втора е во распаѓање, решив прво да направам црква со цел тука да се собираат жителите за празниците, а потоа и други градби за да се вратат засекогаш во селото. Истото го планирам и јас. И без тоа, сè уште сите мои лични документи се под името Софилари“, вели Ангелов.

    Пред седум години почнал да ја гради црквата „Св. Јоаким Осоговски“. Тогаш бил осветен камен-темелникот и објектот ги има сите неопходни дозволи и од Брегалничката епархија и од државните институции. Најмалку трипати во годината, Ангелов се враќа во родното село и цело време е посветен на градежните работи околу црквата.

    Во последните години имало случаи жители на Штип да купуваат куќи во Софилари и таму да живеат. (Фото: СДК.МК)

    Како што вели, најпрвин почнал да ги собира старите камења што биле на ова место на крајот од селото, каде се смета дека некогаш имало црковен објект кој бил запален и срушен до темел, но со векови останале камењата. Туку се наоѓаат и брестови, за кои се смета дека се стари над 500 години. Старите брестови кои имаат чуден облик на стеблото денес ја опкружуваат новата црква.

    Се што досега е изградено е изградено од мене лично. Ѕидарските работи исто така сам ги вршам затоа што тоа е и мојата специјалност. Во некои работи ми помагаат децата и сопругата кога и тие доаѓаат во Софилари“, кажа Ангелов.

    И ова лето доста е изградено, па објектот е во фаза на финални работи на фасадата и ентериерот, за што веќе се бараат искусни фрескописци. Ова лето во дворот на црквата се изградени посебни објекти со покриени трпезарии и летниковци.

    Сè е изградено со мои пари, но почнав да добивам финансиска и материјална помош и од повеќе пријатели и донатори, од кои најредовен е штипскиот бизнисмен Мите Николов“, вели Ангелов.

    Иако недоизградена, вратите на црквата се отворија ова лето во пресрет на Денот на Св. Јоаким Осоговски, со општонароден собир на кој дошле околу 1.000 луѓе, најмногу иселени жители од Софилари.

    Во последните години имало случаи жители на Штип да купуваат куќи во Софилари и таму да живеат. Тие и донаторите велат дека заеднчки можат да ги сменат работите и да се направат почетни чекори за враќање на иселените во Софилари.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира