ГРЦИТЕ ЛУТИ НА НОЛАН ОТИ ВО „ОДИСЕЈА“ НЕМА ГРЧКИ АКТЕРИ, А ДОБИЛ СУБВЕНЦИИ ОД ГРЦИЈА

    ГРЦИТЕ ЛУТИ НА НОЛАН ОТИ ВО „ОДИСЕЈА“ НЕМА ГРЧКИ АКТЕРИ, А ДОБИЛ СУБВЕНЦИИ ОД ГРЦИЈАГрција обезбеди околу 6,5 милиони евра државни субвенции за продукцијата на „Одисеја“. (Фото: Гети)

    Новиот филм „Одисеја“, во режија на Кристофер Нолан, предизвика голем интерес низ светот, но и жестоки дебати во Грција. Грците традиционално внимателно ги следат сите интерпретации на Хомеровите епови. Во училиштата „Одисеја“ се изучува уште од седмо одделение. Затоа се поставуваат прашања колку филмот му останува верен на Хомер.Дискусии има и поради тоа што во актерската екипа нема грчки актери. Особено спорен е изборот Лупита Нијонго да ја игра Елена Тројанска.

    Филмот го следи патувањето на Одисеј по Тројанската војна во обид да се врати кај Пенелопа. Дел од снимањето се одвиваше во Грција, на познати археолошки и природни локалитети. Грција обезбеди околу 6,5 милиони евра државни субвенции за продукцијата. Вкупниот буџет на филмот изнесува околу 250 милиони евра.

    По објавувањето на актерската екипа следуваа бројни реакции. Илон Маск напиша: „Кристофер Нолан го осквернави Хомер и клекна на колена само за да ги исполни ‘воук’ правилата потребни за да освои Оскар“. Потоа додаде: „Каков бедник.“

    Грчките медиуми отворија широка дебата меѓу историчари, режисери и филмски критичари. Поддржувачите сметаат дека хеленските митови му припаѓаат на целиот свет. Тие нагласуваат дека уметничката слобода дозволува различни интерпретации на митовите.

    Критичарите, пак, посочуваат дека Хомер ја опишува Елена како жена со убава коса, лице и бели раце. Според нив, изборот на актерката не одговара на традиционалната претстава за ликот.

    Грчката мала ултрадесна партија Ники се спротивстави и на изборот на актерката и на државното финансирање. Нејзиниот лидер Димитрис Нациос изјави: „Таканаречената патриотска влада на Грција продолжува да ја поддржува секоја ‘воук’ појава и да ја замолчува секоја иницијатива што го истакнува нашиот национален идентитет.“

    Министерката за култура Лина Мендони возврати: „Не е улога на државата да му кажува на еден автор како уметнички треба да интерпретира едно дело или мит“ и додаде: „Зар навистина треба да разговараме за тоа дали државата треба да го цензурира Кристофер Нолан?“.

    Министерот за здравство Адонис Георгијадис изјави дека не се противи на одлуката на владата да го финансира филмот, но додаде дека тешко ги разбира изборите што ги направил Кристофер Нолан.

    „Нолан претера; не знам дали го прави тоа за да освои Оскар“, рече Георгијадис.

    Незадоволство има и затоа што ниту еден Грк не е дел од актерската екипа. Порталот на грчката дијаспора „Грик сити тајмс“ во отворено писмо рече: „Грција не е само место од античкото минато. Таа е жива држава. Грците не се историски личности. Ние сме современици“.

    Говорејќи во подкастот „Воена зона“ на Стив Бенон, извршниот директор на Хеленско-американскиот лидерски совет, Енди Земенидес, кажа дека ова е „пропуштена можност“ за Кристофер Нолан.

    „Разочарувачки е да се слушне дека можеби некои одлуки за изборот на актерите биле донесени врз основа на идентитетски карактеристики, за филмот да може да конкурира за Оскар“, рече тој.

    Списанието „Лифо“ го поставува прашањето: „Хомер му припаѓа на целиот свет, но зошто Грците ги нема во Нолановата ‘Одисеја’?“. Сличен коментар објави и „Гардијан“: „Зошто новиот грчки еп на Кристофер Нолан е целосно без Грци?“.

    И покрај контроверзиите, „Одисеја“ се очекува да биде светски блокбастер. По премиерата билетите брзо се распродадоа, а значително порасна и интересот за оригиналниот Хомеров еп. Филмот има вкупна заработка од 264,1 милион долари на светско ниво во првиот викенд по премиерата на 16 јули, што најголемо глобална заработка за премиера за Нолан и го надмина неговиот „Подемот на Темниот витез“ кој имаше 249 милиони долари.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира