ХЕЛИКОПТЕРИТЕ „БЛЕК ХОК“ И „АПАЧИ“ ПРИВЛЕКОА ГОЛЕМ БРОЈ ЛУЃЕ НА СПОРТСКИОТ АЕРОДРОМ „СТЕНКОВЕЦ“

    ХЕЛИКОПТЕРИТЕ „БЛЕК ХОК“ И „АПАЧИ“ ПРИВЛЕКОА ГОЛЕМ БРОЈ ЛУЃЕ НА СПОРТСКИОТ АЕРОДРОМ „СТЕНКОВЕЦ“„М-17“ на АРМ слетува покрај хеликоптер „апачи“ (Фото: Ѓ. Личовски)

    Многубројните посетители денеска одблиску можеа да видат летала кои се гордост на западните армии, а се дел од „Брз одговор 22“, најголемата воена вежба што досега се одржала во Македонија.

    На спортскиот аеродром „Стенковец“ беа изложени хеликоптери „чинук“, „блек хок“ и „апачи“, додека македонската армија донесе еден „ми-17“. Покрај нив, имаше и два болнички „блек хока“ и два полициски хеликоптера.

    На „Стенковец“ беа изложени летала кои учествуваат на НАТО-вежбата „Брз одговор 22“ (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Четвртиот полк на воздухопловниот корпус на војската на Обединетото Кралство распореди хеликоптер ‘апачи‘, што се користел во Велика Британија и во операции низ светот. Тоа е најсовремено летало, кое има централна укога во британското присуство во НАТО во изминатите 20 години“, изјави британската амбасадорка Рејчел Галовеј.

    Дополнителен спектакл приредија прелетите на грчките авиони „фантом“ и на бомбардерите „А-10“.

    Меѓу изложените модели беше и „АХ-64 апачи“ (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Ова е извонредна можност да се видат овие неверојатни летала, луѓето да се запознаат со пилотите и да се споделува што значи да се биде дел од НАТО алијансата“, кажа амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз.

    Над „Стенковец“ прелетуваа и три грчки борбени авиони „фантом“ (Фото: Ѓ. Личовски)

    На вежбата „Брз одговор 22“ учествуваат војници и воена опрема од осум членки на НАТО: Македонија, САД, Велика Британија, Франција, Италија, Грција, Црна Гора и Албанија.

    Г. КОНЕВ

    „АХ-64 апачи“ и „ХХ-60 блек хок“ (Фото: Ѓ. Личовски)

    (Фото: Ѓ. Личовски)

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира