Холандски пензионер започна правна битка за да си ја промени возраста законски и да си ги зголеми шансите за наоѓање партнерки. Шеесет и деветгодишниот Емил Рателбанд сака да го промени датумот на раѓање од 11 март 1949 во 11 март 1969 година.
„Можете да го промените името, можете да го промените полот, зошто не и возраста“, изјави Рателбанд за весникот „Де Телеграф“.
Се очекува судот во Арнхем да го реши случајот во наредните неколку недели. Но, извори од судот велат дека се мали шансите случајот да има позитивна разврска, бидејќи не постојат правни механизми со кои може да се измени датум на раѓање.
Рателбанд вели дека се чувствува дискриминиран поради возраста, бидејќи таа му ги намалува шансите да најде работа, како и успех на социјалната мрежа Тиндер.
„Со 69 години, јас сум ограничен. Но, ако имам 49, можам да купам куќа, да возам поинаков автомобил, можам повеќе да работам. Кога на Тиндер ќе кажам дека имам 69 години, не ми одговараат. Со 49 години ќе бидам во подобра позиција“, смета тој, додавајќи дека лекарите му велат дека има тело на 45-годишник.