ХОЛАНЃАНЕЦОТ ПИТЕР ЕНДЕНДАЈК СОБРАЛ И ДИГИТАЛИЗИРАЛ 709 ПЛОЧИ СО МАКЕДОНСКИ ФОЛКЛОР

    ХОЛАНЃАНЕЦОТ ПИТЕР ЕНДЕНДАЈК СОБРАЛ И ДИГИТАЛИЗИРАЛ 709 ПЛОЧИ СО МАКЕДОНСКИ ФОЛКЛОРПред 55 години ја купив својата прва плоча, а пред 50 години првпат дојдов во Македонија; - Питер Ендендајк во „Танец“ (Фото: М. Златевска )

    Холандскиот брачен пар Питер Ендендајк и Анемик ден Аул, колекционери и вљубеници во македонскиот фолклор, 50 години доаѓаат во Македонија и посветено купуваат и собираат плочи, цедиња, дискови и видеоленти. Во нивната колекција со 8.112 албуми од Европа, Канада, САД, Африка и Азија, се наброени 709 албуми од Македонија, а пак 75 отсто од целата колекција е дигитализирана и достапна на www.tradmusictrails.com.

    Во огромната колекција има и 291 албум од Западна Европа, Скандинавија, Канада и од САД, 664 албуми од Унгарија, 1.237 од Бугарија, 899 од Грција и од Кипар, 169 со еврејска музика, 85 со ромска музика и 122 од Централна Азија.

    Во просториите на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“, Ендендајк денес во топла и весела атмосфера ја презентираше колекција од исклучително значење за македонското наследство, а на директорот Стојанче Павловски му подари комплет од 20 плочи на „Танец“.

    Анемик ден Аул , Питер Ендендајк, министерот за култура Роберт Алаѓозовски, директорот на „Танец“ Стојанче Павлески и холандскиот амбасадор Ваутер Пломп (Фото: M. Златевска)

    На почетокот и на крајот на презентацијата, машките солисти на „Танец“ ја изведоа народната песна „Ја подај ми моме тенка пушка“, а пак на крајот, женските солистки заедно со оркестарот ја изведоа „Лудо ми тера три коњи“.

    Ендендајк кажа дека првата плоча ја купил во мај 1962, а прв пат дошол во Македонија во 1967.  За традиционалната музика се заинтересирал поради програмата за народни танци во основното и во средното образование, а подоцна сфатил дека му лежи балканската музика.

    Ендендајк на директорот Стојанче Павловски му подари комплет од 20 плочи на „Танец“ (Фото: М. Златевска)

    Во Југославија првпат дошол во 1966, и го купил, вели, она што можел да го најде: македонска, бугарска, српска и грчка музика.

    „До 1982 година година, сите мои патувања беа со јавен превоз. Оттогаш, откако ја сретнав Анемик, повторно го пропатувавме Балканот, овој пат со автомобил. Така можевме да донесеме дури и повеќе книги и плочи дома. Колекцијата ја организираме со програма за база на податоци која самите ја направивме. Дигитализиранатте 75 отсто од колекцијата се достапни на серверот. На овој начин, пребарувањето на варијации и верзии е лесно, дури и ако мелодиите се познати во различни региони или земји“, рече Ендендајк.

    Женските солистки заедно со оркестарот ја изведоа „Лудо ми тера три коњи“ (Фото: М. Златевска)

    Холандскиот амбасадор во Македонија Ваутер Пломп рече дека иако е официјален амбасадор две години, Питер и Анемик се вистински амбасадори, кои Македонија ја сметаат за свој втор дом.

    „Првпат сум во ‘Танец’ и морам да признаам дека колку што сум среќен, толку и чувствувам срам зошто не сум дошол досега. Скоро ја чув поговорката: Немој да играш во Србија, бидејќи ќе те надиграат, немој да пееш во Босна бидејќи ќе те натпеат, и немој да играш или пееш во Македонија бидејќи и ќе те надиграат и ќе те натпеат.Слушајќи ги и гледајќи ги ‘Танец’ не би се осмелил ниту да пеам ниту да играм“, рече амбасадорот на македонски јазик и доби голем аплауз.

    „Првпат сум во ‘Танец’ и морам да признаам дека колку што сум среќен, толку и чувствувам срам зошто не сум дошол досега“, рече холандскиот амбасадор Ваутер Пломп (Фото: М. Златевска)

    Во една од салите во „Танец“ се поставени и фотографии на тројцата Холанѓани Фред Волп, Марја и Карлус Коупман, кои летувале на Охридското Езеро во периодот од 1973 до 1975. Тие ги фотографирале и снимале музичарите на улиците во Струга, Охрид и околните села, особено за време на викендите кога се одржувале и многу свадби.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира