ХОДНИК НА МАНАКИ ПО УРНЕКОТ НА ХОЛИВУДСКИОТ БУЛЕВАР НА ЅВЕЗДИТЕ ВО БИТОЛСКИОТ ХОТЕЛ „ЕПИНАЛ“

    ХОДНИК НА МАНАКИ ПО УРНЕКОТ НА ХОЛИВУДСКИОТ БУЛЕВАР НА ЅВЕЗДИТЕ ВО БИТОЛСКИОТ ХОТЕЛ „ЕПИНАЛ“Легендарниот битолски фотограф Петар Ставрев, британскиот оскаровец Роџер Дикинс со сопругата Изабела и уметничкиот директор и селектор на „Браќа Манаки“ Благоја Куновски- Доре во Ходникот на Манаки во хотелот „Епинал“ (Фото: СДК.МК)

    Интернационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки“, по урнекот на Булеварот на ѕвездите во Холивуд, по 39 годишно постоење, за првпат доби постојана фотографска поставка која говори за богатата историја и плејадата светски филмаџии кои продефилирале низ Битола. Поставката е во ходникот на „Епинал“, хотелот во кој обично се сместуваат легендарните филмски ѕвезди од фестивалот. Годинава тука се италијанската дива Клаудија Кардинале и оскаровецот Роџер Дикинс.

    Покрај новината во внатрешниот простор, од годинава е реновиран влезниот дел и рецепцијата на „Епинал“. -Директорката на „Браќа Манаки“ Гена Теодосиевска вчера ги пречека годинашниот лауреат, оскаровецот Роџер Дикинс и неговата сопруга Изабела (Фото: ИФФК „Браќа Манаки“)

    Покрај поставката која содржи 20 паноа со преку 500 висококвалитетни фотографии од фестивалот, хотелот своите гости го дочека и со реновиран влезен хол и рецепција.

    „Во исто време кога решивме да го освежиме внатрешниот простор и да ја реновираме рецепцијата, одлучивме да го направиме и Ходникот на Манаки, поставка која ќе биде во хотелот засекогаш. Ако ги прашате туристите зошто доаѓаат во Битола, едни ќе ви речат за Воената гимназија каде учел Ататурк, други за Хераклеја, трети за фестувалот ‘Браќа Манаки’. Но, ако дојдат во Битола кога не е фестивалот, нема што да видат за него. Затоа го направивме Ходникот на Манаки, нешто што Битола го немаше. Ги пронајдовме фотографите Ставреви кои цел живот го следат Фестивалот, им ги плативме авторските права и сега фотографиите ќе стојат во хотелот каде доаѓаат филмаџиите со години“, ни изјави Огнен Циговски, генерален директор на „Епинал“.

    Реновирањето на внатрешниот простор и креативното решение за оригиналната поставка е на архитектонскиот тим на „Студио Јанковска“ од Скопје, а историјата на фестивалот е испишана со фотографиите на таткото и синот Петар и Сашо Ставрев кои важат за легендарен фотографски двоец во Битола.

    Поставката содржи 20 паноа со преку 500 висококвалитетни фотографии од фестивалот (Фото: СДК.МК)

     

    „Продолжи да фотографираш, тоа ти го оставам како аманет, ми рече Милтон Манаки при последното интервју што му го направив пред да почине. Останав верен на аманетот. Го следам Фестивалот од почетокот до денес. Сум фотографирал плејада уметници. Жорж Скригин, кој на 29 ноември 1943 година во Јајце го сликал Тито. На Фестивалот во Битола го замолив да го одбере најдобриот портрет и го сликав покрај него. Потоа Киро Билбиловски, првиот фотограф на македонскиот филм ‘Фросина’. Цел ден го ловев за интервју Вељко Булаиќ, снимателот на култниот филм ‘Битката на Козара’ и документарниот филм ‘Мемоарите на Тито’. Не испуштив ни една можност да присуствува некоја личност, а да не ја фотографирам“, вели Петар Ставрев.

    Дел од паноата во Ходникот на Манаки (Фото: СДК.МК)

    Својата љубов кон фотографскиот запис му ја предал на синот Сашо, голем љубител на фотографијата и филмот. Следајќи филмски фестивали низ светот имал можност да заигра танго со актерката Џулија Ормонд, разговарал со Катрин Денев, го налутил Ален Делон, се дружел со Бразилецот Волтер Карваљо- добитник на Златна и Сребрена Камера 300, американскиот актер Вилем Дефо го поканил заедно да одат на премиера, се шетал со филмскиот критичар и програмски директор на фестивалот „Котбус“, Ролан Раст од Берлин, како и со Филип Бергсон со кој и ден денес пријателува. Низ фото-објективот ги уловил холивудската дива Лорин Бекол, Роси Перез, Вупи Голдберг, Грегори Пек, Крис О’ Донел, Ричард Атенборо, Морис Зар, Жулиет Бинош, Патрик Бергин, Мајкл Јорк и други.

    „Сум патувал на многу филмски фестивали, но посебно чувство имам кон битолскиот, а светски фестивал ‘Браќа Манаки’. Многу спомени ме врзуваат со него. Се сеќавам кога градбите на Широк сокак се реновираа, годината кога беше бомбардирањето на Белград и кога немавме после 22 часот каде да одиме, ги повикав гостите кај мене дома на ајвар. Гости ми беа Ото Рајтер, Рон Холовеј, Кико де ла Рика“, вели Сашо Ставрев.

    Гостите на „Браќа Манаки“ уживаат во комфорниот амбиент на „Епинал“, а едно од најпосетениот катчиња е Ходникот на Манаки, каде се наоѓа единствена изложба за најпознатиот македонски фестивал во светот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира