ХУМАНОИДЕН РОБОТ ИСТРЧА 100 МЕТРИ ЗА 9,32 СЕКУНДИ, ПОБРЗО ОД СВЕТСКИОТ РЕКОРД НА БОЛТ

    ХУМАНОИДЕН РОБОТ ИСТРЧА 100 МЕТРИ ЗА 9,32 СЕКУНДИ, ПОБРЗО ОД СВЕТСКИОТ РЕКОРД НА БОЛТЛајтнинг во април победи и на полумаратонот во Пекинг со време од 50 минути и 26 секунди, што исто така беше побрзо од светскиот рекорд кај мажите. (Фото: Чајна Дејли)

    Хуманоидниот робот Лајтнинг ја истрча патеката од 100 метри за 9,32 секунди, со што го надмина светскиот рекорд за луѓе, објави кинеската државна телевизија.

    Роботот, развиен од кинескиот производител на паметни телефони „Хонор“, разви максимална брзина од 14,5 метри во секунда за време на тест-настан за Вторите светски игри за хуманоидни роботи, кои се одржуваат викендов. Со ова време беше надминат светскиот рекорд во машка конкуренција од 9,58 секунди, кој пред 17 години го постави Јусеин Болт на Светското првенство во атлетика во Берлин.

    Кина активно го развива секторот за хуманоидни роботи како нова индустриска гранка, каде што носителите на одлуки и компаниите очекуваат дека развојот на вештачката интелигенција и хардверот ќе ја забрза нивната примена во производството, логистиката и секојдневните кориснички потреби.

    Лајтнинг во април победи и на полумаратонот во Пекинг со време од 50 минути и 26 секунди, што исто така беше побрзо од светскиот рекорд кај мажите. За време на полумаратонот роботот имаше висина од 169 сантиметри и нозе долги 95 сантиметри, а истражувачите во меѓувреме му ги продолжија нозете за 10 сантиметри.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира