И ОТКАКО ПОЧИНА НЕВЕНА, ГИ СЛАВАМ НАШИТЕ ГОДИШНИНИ ОД БРАКОТ, ЗАЕДНО СО ЌЕРКИТЕ ТАЊА И ЛИДИЈА, ВЕЛИ ПАНЧЕ КОЧОВСКИ ОД „МАЊИФИКО“ КОЈ ОРГАНИЗИРА ИЗЛОЖБА ВО СКОПЈЕ

    И ОТКАКО ПОЧИНА НЕВЕНА, ГИ СЛАВАМ НАШИТЕ ГОДИШНИНИ ОД БРАКОТ, ЗАЕДНО СО ЌЕРКИТЕ ТАЊА И ЛИДИЈА, ВЕЛИ ПАНЧЕ КОЧОВСКИ ОД „МАЊИФИКО“ КОЈ ОРГАНИЗИРА ИЗЛОЖБА ВО СКОПЈЕНевена и Панче Кочовски заедно со ќерките Тања и Лидија на „Златна Бува мара на популарноста“ во 2017 кога „Мањифико“ доби награда за животно дело. (Фото: СДК.МК)

    Како сеќавање на сопругата Невена Кочовска која почина во 2022 и по повод 65 години од основањето на ансамблот „Мањифико“, музичарот Панче Кочовски организира изложба на 18 ноември во фоајето на Националната опера и балет од 19 часот.

    Кочовски, еден од основачите на легендарниот ансамбл кој има свирено во целиот свет вели дека 31 година ги собирал материјалите за изложбата.

    „Триесет и една година ги собирав овие материјали. Сѐ чувам во шест големи куфери и во три мали. Ќе бидат изложени повеќе од 30 големи постери, преку 180 професионални фотографии, оригинални плакати од ‘Мањифико’ од почетоците во 1960-тите, сингл плочи, ЛП плочи, тонски снимки и уште многу други спомени“, ни рече Кочовски.

    За него, овој настан има уште една важна симболика, 60 години откако се венчал со Невена Кочовска, пејачката на „Мањифико“, со која ги има ќерките Лидија и Тања.

    „Имав голема желба изложбата да ја организирам на 11 октомври, на денот кога се венчавме со Невена, но за жал не најдов слободен простор тогаш. Ваков настан бара голем простор, а јас не сакав да биде било каде. Бевме заедно со Невена 58 години. Откако почина, сѐ уште со децата се собираме на овој ден, во истиот ресторан каде што одевме додека беше жива за сите наши годишнини и родендени. Кога славевме 50 години од брак, сопственикот на ресторанот ни подари корпа со цвеќе, а од ќерката Тања добивме 50 трендафили“, се сеќава Панче Кочовски.

    Ансаблот „Мањифико“ настапувал пред претседателот на Југославија Јосип Броз Тито, а неколкупати и пред дипломатскиот кор на тогашната федерација. Мексиканскиот претседател Лопез Матеос, воодушевен од нивните изведби, им подарил комплет мексикански оригинални народни носии.

    „Имавме многу богат живот со Невена и со ‘Мањифико’. Одржавме 3.700 концерти, свиревме во 32 земји на сите континенти. 600 концерти беа хуманитарни, повеќе од 40 за Скопје по земјотресот и по поплавите. И по десетина пати сме свиреле во некои земји. Дванаесет музичари поминале низ ‘Мањифико’, а во 1960 имавме и двајца Латиноамериканци со потекло од Југославија. Едниот беше од Боливија, а другиот од Аргентина. Подготовките за турнеите со нив ги правевме во Загреб и во Љубљана. Никогаш не дозволивме да падне нивото на групата“, вели Кочовски.

    И дискoграфската продукција на „Мањифико“ е импозантна. Снимиле 28 мали грамофонски плочи, 5 албуми, 4 аудио касети, 1 видеокасета, 3 аудио компакт дискови и 1 DVD, речиси сите продадени во златен или сребрен тираж..

    Невена Кочовска почина на 25 август во 2022, на 81 година, по долга борба со Алцхајмерова болест. Кочовска до самиот крај не ги заборави стиховите на песните на шпански јазик кои ги пела со „Мањифико“. Нејзините ќерки, актерката и пејачка Тања Кочовска и пејачката Лидија Кочовска, објавуваа снимки како пеат со мајка си.

    Во ноември во 2022, Лидија Кочовска одржа концерт во Тетарот за деца и младинци во Скопје, посветен на мајка ѝ.

    Татко ѝ и сестрата Тања беа специјални гости, и заедно со Лидија ја пееја легендарната „Мама Хуанита“. Лидија Кочовска тогаш кажа дека ова е една од песните која ја одбележа кариерата на „Мањифико“, и многу е важна за љубовта на Невена и Панче, и воопшто за целото семејство Кочовски.

    М. ЏАРОВСКА

     

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира