Играч од Калифорнија е единствениот освојувач на рекордниот џекпот на американската лотарија „Пауербол“ од 2,04 милијарди долари, со што беше ставен крај на 40 извлекувања без победник.
Сопственикот на тикетот, чиј идентитет не е објавен, има можност да земе 997,6 милиони долари во кеш или да му се исплаќа вкупната премија во следните 29 години. Тикетот бил купен во гратчето Алтадена, осум километри северно од Пасадена, а сопственикот на дуќанот е награден со милион долари.
„Не знам кој ја освои главната награда, но се надевам дека е некој локален. Повеќето луѓе кои купуваат тикети кај мене се од соседството“, изјави Џо Чахајед.
Шансите за погодување на сите шест бројки биле еден во 292 милиони. Претходната рекордна добивка изнесуваше 1,59 милијарди долари, што ја поделија тројца играчи во 2016.