Сојузната американска држава Мејн го постигна својот прв џекпот на „Мега милионс“ и некој го победи баксузот на петок 13-ти, кога лозот купен во државата се совпадна со добитните бројки за проценетата голема награда на лотаријата од 1,35 милијарди долари. Среќната комбинација на броеви извлечени доцна во петокот вечер беше: 30, 43, 45, 46, 61 и златниот „мега бол“ 14. Добитниот лоз беше продаден на бензинска пумпа во градот Либан во Мејн со над 6.500 жители, според Државната лотарија.
Победникот, чие име сè уште не е познато, ги надмина шансите за добивка од 1 на 302,6 милиони, по тримесечни извлекувања без да се добие џекпотот.
Џекпотот беше втор најголем во историјата на „Мега милионс“ и четврти пат кога има победа од милијарда долари. Најголемиот џекпот на „Мега милионс“ во октомври 2018 беше 1,53 милијарди долари, а го осови еден добитник во Јужна Каролина.
Успешното извлекување во петокот го одбележа и седмиот пат кога добитник на големата награда е на петок 13-ти, датум кој суеверно се смета за несреќен.
За да ги земе сите 1,35 милијарди долари, победникот ќе треба да ги добива парите во ануитет со годишни исплати во текот на 29 години. Повеќето добитници на џекпот ја претпочитаат намалената, но побрза опција за готовина, која за извлекувањето во петокот вечерта беше проценета на 724,6 милиони долари.