Илјадници стапалки од диносауруси кои датираат од пред 210 милиони години се пронајдени во национален парк во северна Италија. Отпечатоците, од кои некои се со дијаметар до 40 сантиметри, се наредени во паралелни редови, а на многу од нив има јасни траги од прсти и канџи.
Се верува дека станува збор за просауроподи, тревопасни диносауруси со долг врат, мала глава и остри канџи. Тие можеле да бидат долги до 10 метри и оделе на две нозе.
„Никогаш не би помислил дека ќе наидам на толку спектакуларно откритие во регионот каде што живеам“, рече палеонтологот од Милано, Кристијано Дал Сасо.
Минатиот септември, еден фотограф ги забележал отпечатоците што се протегаат стотици метри на вертикален планински ѕид во националниот парк Стелвио, североисточно од Милано. Во тријаскиот период, пред околу 250 милиони години, ѕидот бил моклиште, пред да стане дел од алпскиот венец.
„Ова место било полно со диносауруси, тоа е огромно научно богатство. Стадата се движеле во хармонија, а има и траги од посложени однесувања, како групи животни што се собираат во круг“, кажа Дал Сасо.



