ИТАЛИЈА ЌЕ ИЗЛОЖИ ЗНАЧАЈНИ АРХЕОЛОШКИ ОТКРИТИЈА, КОИ ВО ТОСКАНА СЛУЧАЈНО ГИ ВИДЕ ЃУБРЕЏИЈА

    ИТАЛИЈА ЌЕ ИЗЛОЖИ ЗНАЧАЈНИ АРХЕОЛОШКИ ОТКРИТИЈА, КОИ ВО ТОСКАНА СЛУЧАЈНО ГИ ВИДЕ ЃУБРЕЏИЈАСтатуите беа најдени во 2021 и 2022, во ридското село Сан Касијано деи Бањи, кое сè е уште дом на популарните термални бањи. (Фото: „Магзолд“)

    Едни од највпечатливите археолошки наоди во Италија во последните децении, по повеќемесечна реставрација ќе бидат изложени на 22 јуни во палатата Квириналe во Рим. Станува збор за дваесетина бронзени статуи од 3. век пред н.е. до 1. век н. е, извлечени од калта во Тоскана делумно благодарение на интуицијата на пензиониран ѓубреџија.

    Кога откритието беше објавено во ноември, експертите ја нарекоа најголемата колекција на антички бронзени статуи кои некогаш биле пронајдени во Италија и го поздравија како откритие кое одново ќе ја испише историјата.

    Статуите беа најдени во 2021 и 2022, во ридското село Сан Касијано деи Бањи, кое сè е уште дом на популарните термални бањи, каде што археолозите долго време се сомневаа дека може да се откријат антички урнатини. Ископувањата почнаа во 2019 на мала парцела до бањите, но неколкунеделните ископувања открија „само траги од некои ѕидови“, вели градоначалничката на Сан Касијано, Ањезе Карлети.

    Потоа, Стефано Петрини, поранешен ѓубреџија и аматер локален историчар, се сетил дека неколку години претходно, видел делови од антички римски столбови на ѕидот од другата страна на бањите. Столбовите можеле да се видат само од напуштената градина што некогаш му припаѓала на неговиот пријател, кој таму одгледувал овошје и зеленчук за да ги продава во селската продавница. Кога Петрини ги однел археолозите таму, тие знаеле дека го нашле вистинското место.

    „Сè започна од таму, од столбовите“, вели Петрини.

    Раководителот на арехолошкиот проект, Емануеле Мариоти рече дека неговиот тим почнал да очајува, пред да го добие навестувањето од Петрини, кое доведе до откривање на светилиште во центарот на античкиот бањски комплекс. Пронајдените статуи биле приноси од Римјани и Етрурци кои барале добро здравје од боговите. Имало и монети и скулптури на делови од телото како уши и стапала, како и понеобични наоди, како:  лушпи од јајца, шишарки, семки од праски и сливи, хируршки алатки и прамен кадрава коса стар 2.000 години.

    „Тоа отвора прозорец за тоа како Римјаните и Етрурците ја доживувале врската помеѓу здравјето, религијата и духовноста. Има цел свет што треба да се разбере и проучи“, вели Ада Салви, археолог од Министерството за култура.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира