ИЗБЕГАВ ОД ГРАД ЗАШТО ТАМУ СÈ Е НЕЗДРАВО, ВЕЛИ ВЕЛЕШАНЕЦОТ ДИМЧЕ АЦКОВ КОЈ СИ ИЗГРАДИ КУЌА ОД ЗЕМЈА И ГЛИНА И ЖИВЕЕ ЕКОЛОШКИ

    ИЗБЕГАВ ОД ГРАД ЗАШТО ТАМУ СÈ Е НЕЗДРАВО, ВЕЛИ ВЕЛЕШАНЕЦОТ ДИМЧЕ АЦКОВ КОЈ СИ ИЗГРАДИ КУЌА ОД ЗЕМЈА И ГЛИНА И ЖИВЕЕ ЕКОЛОШКИДимче Ацков не живее сосема сам, туку го дели домот со овенот Спирит и кучињата Хироу и Миси. (Фото: СДК.МК)

    Велешанецот Димче Ацков две години живее далеку од градската врева, сам во близина на поранешна Порцеланка и реката Тополка. Своеволно решил да ги напушти градот, благодатите на современиот свет и удобностите на новото време и да започне нов живот. Тој одбива да се нарече себеси Робинзон Крусо.

    „Тој живеел сам затоа што морал, јас затоа што така сакам. Јас бев урбано дете, не знаев мотика да држам и како се одгледува зарзават, но го сменив стилот на животот. Сам градам куќа, сам одгледувам храна. Сакав преку личен пример да покажам дека може да се живее здраво и еколошки“, вели Димче, кој има 40 години.

    На површина од повеќе стотина квадратни метри, тој си изградил сопствено живеалиште од природни материјали, земја и глина. Ова што го работи го научил во комуни во држави во кои претходно престојувал, Турција, Бугарија, Грција, Србија. Заработува од продажба на печурки и чаеви кои ги бере во природа. Има летна и зимска бавча, каде произведува храна за свои потреби.

    „Живеам како што живееле нашите дедовци. Заминав поради загадувањето кое го создава поединецот, нечистиот воздух што го има во градот, нездравата храна, неживата вода за пиење. Со самото градење на еден современ дом се загадува околината. Јас куќата ја направив бесплатно, од плитар, земја, слама и вода и кога еден ден ќе падне, нема да има никаква штета по околината, земја на земја“, објаснува Димче.

    Ацков си изгради живеалиште од природни материјали. (Фото: СДК.МК)

    Во новиот дом друштво му прават овен и две кучиња, претходно бездомни. Објаснува дека е веган и голем борец за правата на животните. Овенот Спирит го спасил од колење лани за Велигден и тој прв ги пречекува гостите во домот на Ацков. Радосно скока и бара храна. Тука се и кучињата Хироу и Миси. Интересна е животната приказна на Хироу и како било спасено. Кога Димче доаѓал дома, видел како од автомобил во движење фрлаат кутија низ прозор. Кога ја отворил, во неа биле две кученца. Едно починало, а другото, Хироу, преживеало.

    За да си обезбеди струја, има соларни панели, а вода за пиење добива од сопствен бунар. Тоалетот му е компостен и се прекрива со струготини од дрво.

    Со струја се снабдува од соларни панели, а вода зема од бунар (Фото: СДК.МК)

    „Преку интернет пробувам да бидам во тек со настаните во државата и светот. Но, многу сум зафатен, работам во бавчата, собирам суви дрва, не ги сечам. Пред да се случи пандемијата, доаѓаа луѓе од странство и учеа како да живеат вака како мене. Им беше интересно. За долг живот се потребни здрава храна, чист воздух и чиста вода“, додава Ацков.

    Во скромниот дом изграден од земја сончевите зраци влегуваа преку застаклениот покрив. И беше невообичаено топло, иако немаше греење. Во просторијата сѐ стокмено како под конец и чисто, со мирис на чаевите кои се сушеа на гредите. И еден таблет, негов прозорец кон светот.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира