ИЗУМИРА ВЕЗЕЊЕТО КАКО УМЕТНОСТ, НЕ МОЖЕ ДА СЕ НАЈДЕ НИТУ КОНЕЦ, ВЕЛИ ШТИПЈАНКАТА ЛИВАНТА МИЛЕВА

    ИЗУМИРА ВЕЗЕЊЕТО КАКО УМЕТНОСТ, НЕ МОЖЕ ДА СЕ НАЈДЕ НИТУ КОНЕЦ, ВЕЛИ ШТИПЈАНКАТА ЛИВАНТА МИЛЕВА„Некои подаруваат уметнички слики, а јас подарувам вез. Везам со љубов и мислам дека везењето е уметност“, вели Ливанта Милева. (Фото: СДК.МК)

    Порано речиси немаше женско што не знаеше да везе, па дури имаше и мажи кои му се приклучуваа на ова женско хоби. Чести беа седенките пред куќите во маалата со везалото в скут, жените везеа, ем ќе свртеа муабет. Притоа, разменуваа шеги, најразлични шеми, а најмногу конци за везот.

    А, денес ни конец за везење не може да се најде во Македонија. Домаќинствата не само што не го негуваат, туку го заборавија зборот везење, а тие што го негуваат и мислат на него можат да се избројат на прсти затоа што младите одамна се откажаа од постилањето милјеа или везени чаршави на масите. И тоа што го добиле од своите претци многумина го имаат фрлено без да размислат дека сепак везот има голема вредност.

    „Омилени ми се цветните везови и везовите посветени и се со мотиви на двата наши најголеми празници, на Божиќ и Велигден“, вели Милева. (Фото: СДК.МК)

    Но, штипјанката Ливанта Милева, заедно со нејзината ќерка Љупка им пркосат на времето и се обидуваат да не дозволат везењето целосно да згасне. Ливанта везе во Штип, а нејзината ќерка во Скопје каде што живее со семејството, но понекогаш и заедно кога помладите ќе отидат на гости во Штип. Тие се едни од ретките, а можеби и единствените кои го негуваат ракотворењето од овој вид.

    Големата љубов кон везењето ни ја открива Ливанта, која двособниот стан од зградата кај камениот мост на реката Отиња во центарот на Штип го има претворено во везова бајка, Во убаво стокмените соби на сите маси и кревети соодветни рачно изработени везови. Ги има за сите пригоди и за сите сезони, најмногу за празниците Велигден и Божиќ.

    До пред две години кога беше жив, сопругот Јован ми помагаше и ги црташе шемите, а јас го подготвувам платното кое е од чист памук. За разлика од порано сега везам многу помалку, ама сепак некогаш кога сакам да се вратам носталгично го земам везот во рака. Сè уште не користам наочари, но ќе везам и со нивна помош ако треба затоа што везењето ми ги враќа убавите спомени од минатото и ме одржува во живот“, вели осумдесетгодишната Милева.

    Се присетува дека на ден везела и по пет часа, затоа што за еден поентлес вез биле потребни неколку месеци секојдневно везење. Досега има навезено 1.000 најразлични гарнитури за спиење и други постелни везови за кревети, разни милјеа за маси, витрини.

    Везењето е од љубов, а не за пари. Милјеата ги подарувам со повод. Некои подаруваат слика, јас подарувам вез кој исто така има уметничка вредност. Најголемата везена вредност, по цел комплет гарнитури за кревет подарив на ќерката Љупка и на синот Влатко, кој исто така со семејството живее во Скопје. Првиот вез ми беше многу одамна, кога бев ученичка. Љубовта кон везењето ми ја всади учителката по домаќинство“, вели Ливанта која најпрвин работела како учителка во Кратовско од каде потекнува, а потоа во Штип каде се омажила и како воспитувачка во градинката „Вера Цириви-Трена“ заминала во пензија. Пресреќна е што на внучињата им се допаѓаат нејзините творби од кој било вид, но најмногу е среќна што љубовта кон везењето го пренела на најзината ќерка Љупка и на внуката Лина која исто така ги научила тајните на везењето и на везот воопшто.

    „Везењето како мое омилено хоби ми ги враќа убавите спомени и ме одржува во живот“, вели Милева. ( Фото: СДК.МК )

    Едни од последните нејзини дела биле уникатни милјеа на панама платно со срма и демце (конецот за везење). Едниот мотив бил токму од родниот кратовски крај, а другиот мотив бил од островот Тасос, а го позајмила додека била на одмор каде што везела и на плажа.Таму навезла само десет проценти колку да земе мостра, а останатото во наредните три месеци продолжила во Штип кога се вратиле од одмор. Во Тасос, вели Ливанта до денес важи непишаното правило, момите да го имаат изработено тој вез и везот задолжително да биде во невестинскиот чеиз.

    Проблем имаме со обезбедувањето демце како што обично го викаме конецот за везење. Во Македонија демце не можеш да најдеш за лек. Последен пат, пред десетина години случајно видов во една мала продавничка на Бит пазар во Скопје каде продавачката ми рече дека таа година јас сум првата која купува демце. Не знам дали денес има, но јас во овие години ја трошам залихата што сум ја создала со времето“, вели Ливанта.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира