ЈА ЗАСЛУЖУВАМ НАГРАДАТА, ВЕЛИ ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ, ПРВ РОКЕР СО ДРЖАВНОТО ПРИЗНАНИЕ „11 ОКТОМВРИ“

    ЈА ЗАСЛУЖУВАМ НАГРАДАТА, ВЕЛИ ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ, ПРВ РОКЕР СО ДРЖАВНОТО ПРИЗНАНИЕ „11 ОКТОМВРИ“„Ова е награда за целата рокенрол сцена, за сите музичари кои се занимаваат со поп, рок, џез, со фјужн, етно, со електронска музика во земјава, по ослобудавањето до денес. Јас не сум измислил ништо, ниту пак од мене почнува или завршува нешто. Јас сум можеби оној што дал најмногу голови во тој долг натпревар, зашто имам снимено најмногу албуми, веројатно имам отсвирено најголем број концерти и мојот опус трае повеќе од 40 години“, вели Стефановски (Фото: од личната архива на Влатко Стефановски)

    Гитаристот Влатко Стефановски има 60 години и над 40 години кариера. Има безброј значајни еснафски домашни и меѓународни награди, почесен доктор е на Универзитетот „Св.Кирил и Св. Методиј“ од 2007 и на Универзитетот ФОН од 2017. Но, Влатко Стефановски од оваа година станува и првиот рокер во Македонија кој ја добива највисоката државна награда за животно дело во културата „11 Октомври“.

    Влатко Стефановски има 14 албуми со „Леб и сол“, 16 како соло уметник, голем број проекти во тетарската и филмската уметност, турнеи по САД, некогашен СССР, низ Европа. Настапи со голем број светски музичари и оркестри како и со Лондонскиот симфониски оркестар, симфониските оркестри на Лајпциг, Виена, на Монте Карло.

    Тој вели дека му беше возбудлив овој 11 Октомври и целата церемонија во Собранито на РМ, каде што поради наградата влегува прв пат.

    „Сега веќе ништо не е исто. Сега немам аргументи да се бунам за нешто, сега мојата држава ми даде признание, јас сум признаен уметник. Некои работи се изедначија на вагата. Со оваа награда јас сум разоружан. Ова е награда за целата рокенрол сцена, за сите музичари кои се занимаваат со поп, рок, џез, со фјужн, етно, со електронска музика во земјава, по ослобудавањето до денес. Јас не сум измислил ништо, ниту пак од мене почнува или завршува нешто. Јас сум можеби оној што дал најмногу голови во тој долг натпревар, зашто имам снимено најмногу албуми, веројатно имам отсвирено најголем број концерти и мојот опус трае повеќе од 40 години. Самиот се чудам, опашката ми е многу голема, па веројатно затоа јас сум првиот што ја добива. Наградите треба да се почитуваат зашто тие значат почитување кон тој што ги добива и кон тој што ги дава“, вели Стефановски.

    Влатко се заблагодарува на колегата Тони Китановски кој, откако разбрал дека Стефановски нема ниту една државна награда, заедно со Универзитетот од Штип  го предложил за високото признание.


    На прашањето дали оваа државна награда за рокенролот во овдешен контекст може да се спореди со Нобеловата на Боб Дилан, Стефановски како негов голем фан вели:„ После Нобеловата за Дилан, сè е веќе можно. Линијата помеѓу официјалната култура, или она што барем сме го сметале за официјална култура, и популарната култура е многу тенка, а на места е и испрекината – каде што тие две култури се прелеваат. Не може веќе да се разграничи што е сериозна, а што популарна култура. Според мене, култура е она на што му посветуваш внимание, и она што го чуваш“ (фото: од личната архива на Влатко Стефановски)

    „Сведоци сме дека меѓу колегите знае да има завист, навреди, омалуважувања. Така што, кога ќе се случи нешто убаво, среќата е голема. Особено што ме предлага гитарист, не некој научник по биологија, на пример.
    Без лажна скромност, после толку патувања, после толку работа, мислам дека ја заслужувам наградата. Не дека не сум помислувал на ваква награда, дотолку повеќе што на неколкумина како член на комисија сум ја потпишал одлуката да станат национални уметници. Но, познавајќи го нашиот менталитет, не сум воспитан да лобирам за себе. Себепромоција признавам кога имам нов албум, концерт, нова турнеја или слично, но да се величам себеси само по себе, мислам дека е недостоинствено и патетично“, вели Стефановски.

    Во атмосферата на 1970-тите години, Влатко вели дека тој и денес себеси се проектира како тинејџер на клупа во двор во Тафталиџе.

    „Бев немирно дете, многу често ги менував опсесиите и хобијата, одбојка, стрит баскет. Имаше фин живот во Тафталиџе, фина граѓанска класа, фини луѓе со кои можеше да играш баскет, да разговараш за сè и сешто, да разменуваш плочи, да одиш на журки и да направиш бенд, како ‘Леб и сол’. Таа некоја културна матрица не изроди нас како деца од овде, да направиме бенд кој подоцна ќе стане сериозен, да нè формира како личности, како професионалци. Свирам јас на клупа и денес во мојот двор, но сега е воздухот многу загаден, не само во зима. Што е трагедија“.

    Околу чувството на тинејџер и почетоците на опсесија од музиката, Влатко вели: „Тоа се години кога си неутешно заљубен во некоја девојка од твојот или од соседниот клас, кога ти се случува бура на емоции, кога те возат повеќе хормони отколку разумот, и тогаш се фаќаш за спасот. Јас се фатив за спасот што се вика гитара. Бев многу опседнат од музика, од желбата да направам бенд, да им покажам и да им докажам на претходните генерации дека и ние можеме нешто. Не само на музичарите од Македонија туку и од Југославија. Имаше Скопски фестивал, овде доаѓаа сериозни групи со врвни достигнувања. Се сеќавам на ‘Корни група’ која настапи во 1971 година, чија композиција траеше 20 минути. Тотална авангарда. Во тој период ме зафатија тие чувства кои ме инфицираа за музиката, од потребата да се покаже и докаже дека и јас можам. Мојата фасцинација и страст кон музиката беа огромни“.

    За периодот на 1970-тите години Влатко вели дека и светската литература кажува оти се значајни, зашто се снимени многу музички албуми, дека е тоа период кога младите биле ослободени од стеги и се восхитувале на Боуви, на „Стоунси“, на „Битлси“, на „Фри“, „Бед компани“.

    „Луѓето тогаш можеле да се занимаваат со своите приватни животи, сега како некој да ни ги уапси нашите приватни животи и некој како да нè држи на краток синџир. Сите сме во константен стрес, од она што ни го нудат вестите и од она што ни се нуди како како животен избор. Сега имаме многу помалку време за популарна култура. А тогаш, на насловна страна на ‘Тајм’, бил Џон Ленон. Во 1970-тите години беше многу важо да те примат во бифето на Драмски театар, да се напиеш пиво. Сега веќе ништо не е значајно во однос на културните потреби и мотивации. Вредностите во културата беа значајни, сега политиката презеде сè, и константниот стрес. Тоа ни го одредува денот. Сега не нè одредува која плоча ја слушаш денес или кои фармерки ќе ги облечеш. А, беше убаво кога се шетав со кломпи низ Скопје, со звонарки фармерки. Можда имам само розови очила кон својата младост“, вели гитарската легенда во компарација на почетоците од својата кариера и денешното време.

    Сепак, повторно фактите се непобитни околу успехот на „Леб и сол“ и чудото што се случило со нивниот настап на Опатискиот фестивал во 1978 година кога прв пат ја отсвиреле „Абер дојде Донке“, пред сите уредници на радија во тогашна Југославија.

    „Лом беше, чудо. Знаеја дека сме добар бенд, ама никој не очекуваше нешто слично. Со оваа дистанца имам теза која ја промовирам на интервјуата низ бивша Југославија, а тоа е дека додека бендовите низ Југославија слушаа ‘Јураја хип’ и ‘Дип парпл’, во Македонија слушавме алтернативни, сериозни музики како Френк Запа, Џон Меклафлин, Махавишну оркестра, Чик Корија. Слушавме сериозни нови музики од тоа време, додека другите бендови беа заглавени во некој пастирски рок и се потпираа на два акорда. Ние отидовме да ги рушиме тие стереотипи. Од Скопје. Скопје бил секогаш алтернативен град во смисла на тоа кои плочи ќе ги слуша. ‘Леб и сол’ во голема мерка е одреден од тоа каква музика слушавме. Тие нови светски музики се разбира дека ги слушаше екипата од Белград, но таа екипа не успеа да направи бенд од типот на ‘Леб и сол’. Се потпираа на познати матрици како треба да изгледа хит, и со тоа се занимаваа, се бавеа со успех, а ние се бавевме со музика. Во тој контекст, се повеќе имам респект кон скопската музичка сцена од 1970-тите години, кон тие ликови како кон група ‘Пу’, ‘Тор’, ‘Брег’. Сериозни и пркосни, амбициозни музичари кои сакаа да ги менуваат работите“, вели Влатко.

    Околу наградата која ја добива за животно дело, Влатко вели дека секако нема да се пензионира, дека има доволно нови идеи и енергија. Го најавува наскоро и својот нов акустичен соло албум, „Мајчин јазик“. Стефановски, кој беше ѕвезда на свои 19, 20 години во тогашните југословенски простори, вели дека е сега како армиран бетон, и дека не може нешто да го помести. Убаво е вели, дури и на оваа возраст да си на насловни страни, да прочиташ нешто паметно што си кажал, и додава цитати кои ги презел, зашто му се допаѓаат, а кои велат:„ Не е среќа да си успешен, успех е да си среќен. Успехот сам по себе не значи и среќа. Голем успех е да си среќен, а не е голема среќа да си успешен. Не треба да си благодарен што си среќен, треба да си среќен што си благодарен“. Мудрости, вели Влатко, кои ги запаметил зашто и самиот додава дека е
    животот сон, брзо поминува како дур трепнеш. Затоа вели, човек треба да е свесен дека треба да е благодарен со секое утро, па да даде сè од себе да направи нешто од својот ден, од својата недела, од својот месец, година, од својот живот.

    „Јас не сум од оние што ќе легнат на ловорики. Имам јас уште многу да дадам. Јас ја свирам вистината, како што рекол и Хендрикс. Тоа е тоа. Нема шминка, нема калкулации. Нема што да додадам. Што повеќе влегувам во години, сè повеќе се чудам на чудото наречено живот, и сè повеќе се чудам на процесот што се вика креативност, и сакам уште помалку да ми е јасно. Тоа е еден мистичен процес кој мора само да го негуваш, не смееш да се обидуваш да го разбереш“, вели виртуозот на гитарата, херој на многу генерации музичари.

    Влатко Стефановски, кој работи со многумина светски музичари, но и со млади домашни изведувачи, на оние кои доаѓаат им порачува да се борат со своите родители, професори, да ги убедуваат и да ги бранат своите ставови и потреби, и да бидат успешни. А, за тоа што е успех – вели, тоа е истрајност. Зашто според рокерот без кој ништо не ќе беше исто во Македонија, најголемите музичари на светот се благодарни на тоа што можат да живеат од музика.

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира
    Booking.com

    Коментари