Студиото на јапонскиот архитект Кенго Кума, во соработка со Беким Рамку и „ОУД+ архитектс“ победија на конкурсот за пренамена на поранешната стоковна куќа „Грмија“ во Приштина во концертна сала. Според првонаградениот проект, ќе се задржи постоечката структура на архитектонското наследство во пренамената на значаен културен објект.
Објектот „Грмија“ , изграден во 1970-те е еден од култните модернистички згради во Приштина кој има значајно место во колективната меморија на жителите. Затоа, во конкурсот беше наведено дека треба да се заштити и постоечката архитектура.
Во победничкиот дизајн на Кума и соработниците, стои дека ќе ја обноват постојната архитектура. Новиот покрив е во контраст со модернистичките линии на постоечката зграда и е дизајниран со цел да поттикне социјална интеракција. Ќе има и ресторан, галерија и главна концертна сала, а натстрешницата служи и како нов изложбен простор за привремени изложби.
Архитектите најавуваат дека целта на дизајнот е да се заштити модернистичкото наследство на Приштина, но истовремено да се создаде современа палтформа за косовската уметничка сцена.