КАЈ НАС НЕМА ПОСЕБНИ И НЕПОСЕБНИ ТАНЧАРИ, СИТЕ СЕ ЕДНАКВИ И ТАКА ИМА РЕЗУЛТАТИ, ВЕЛAТ ОД „ЕУРЕКА“, ПРВОТО ТАНЦОВО ИНКЛУЗИВНО СТУДИО

    КАЈ НАС НЕМА ПОСЕБНИ И НЕПОСЕБНИ ТАНЧАРИ, СИТЕ СЕ ЕДНАКВИ И ТАКА ИМА РЕЗУЛТАТИ, ВЕЛAТ ОД „ЕУРЕКА“,  ПРВОТО ТАНЦОВО ИНКЛУЗИВНО СТУДИОИнклузија не подразбира само физичко сместување на лицата со попречености во средината, туку и активно вклучување во работата и целиот процес на активноста. Активностите мора да имаат постојаност, вели Катерина Јолакоска од танцовото студио „Еурека“ (Фото: Еурека)

    Членовите на танцовото студио „Еурека“ минатиот месец добија аплаузи и честитки од британскиот принц Едвард, за нивната изведба на претставата за време на неговата дводневна официјална посета на Македонија. „Еурека“ е студио за модерен танц и хип-хоп, и е првото инклузивно танцово студио во земјава, основано во 2001.
    Катерина Јолакоска вели дека почнале како мало студио и без некои преголеми очекувања, за денес да прерасне во студио со над двесте членови со најразлична возраст и различен етнички состав.

    Од пробите во танцовото студио „Еурека“ (Фото: Еурека)

    „Со лица со попречености работиме од формирањето на студиото, пред 18 години, кога сето ова беше табу тема за сите. Започнавме скромно, на почетокот со кратки настапи во медиумите и во земјата, а продолживме на долги патеки освојувајќи ја нашата земја, регионот и пошироко“, вели таа.
    Студиото во моментов брои околу 220 редовни членови, работат на четири локации во Скопје, членовите се поделени по групи по возрасти и ниво на знаење, а една од тие групи е инклузивната група во која членуваат деца со различни попречености.

    Британскиот принц Едвард им честиташе на танчарите на „Еурека“ за нивната изведба на претставата за време на неговата дводневна официјална посета на Македонија (Фото: Еурека)

    „Долгогодишното искуство во работата, настапите на хуманитарни настани за лица со попречености беше предизвик и ние да направиме нешто посебно. Инклузивниот процес е застапен токму преку танцот. Нема пречка во ритамот на музиката да се движат по сцената и тие ‘малку поинаквите’. Инклузијата преку музика и танц ги прави еднакви со сите. Тука се изразени сите чувства кои будат емоции, страв, тага, радост, омраза“, вели Јолакоска.

    Танчарите имаат одличен вкус за музика, ги следат новитетите, но познати им се и безвременските хитови и се добро информирани и точно знаат што сакаат (Фото: Еурека)

    Таа кажува дека секој час е приказна за себе. Часот не смее никако да се откаже, секој обид за откажување е разочарување за тие деца, па затоа секогаш редовно се трудат да ги одржат часовите.
    „На секој час му претходи разговор за новостите во деновите кога не сме се виделе. Си разменуваме случки, настани, згоди и незгоди, па потоа преминуваме на работа. Часовите започнуваат како и сите останати часови во студиото, со вежби за загревање, па преминуваме на кореографии и подготовки за некој настан што следи. Многу истражуваме, изнаоѓаме нови фигури, елементи, нови движења, од кои понатаму создаваме кореографии. Уште од самите почетоци кога започнавме да работиме со лица со попречености сфативме дека овие лица мора да се третираат исто како и останатите членови, тогаш резултатите се видливи. Нема посебни и непосебни членови, сите се еднакви и од сите се бара подеднакво – резултати. Часот е инклузивен. Освен децата со попречености на овие часови се и членови без попречености и  сите заедно ја креираме работата. Секогаш под мое менторство, но во соработка со прекрасните девојки кои неуморно учествуваат на сите активности со инклузивната група“, кажа Јолакоска.

    Од премиерата на претставата „Пепелашка“ (Фото: Еурека)

    Музиката за вежбање ја одбираат во зависност од потребите за настанот што следи, а кога часот е само со вежби без подготовка за настап тогаш ги бираат познатите хип-хоп и поп песни.

    „Танчарите имаат одличен вкус на тема музика,  ги следат новитетите, но познати им се и безвременските хитови и се добро информирани и точно знаат што сакаат. Тие едноставно уживаат со музиката“, додава таа.

    Членовите од студиото на повеќе фестивали во земјата и во странство освојуваат многубројни награди: први, втори, трети места како и Гран-при награди. Учествуваат и на хуманитарни настани, а од патувањата ги издвојуваат : Бугарија, Грција, Србија, Црна Гора, Шпанија, Австрија, Чешка, Босна и Херцеговина, Хрватска (Фото: Еурека)

    Јолакоска смета дека заради зголемување на инклузијата за лицата со попреченост, непходно е да се има поголеми заложби за родителите на тие лица, „бидејќи тоа се херои за кои треба многу да се грижиме и кон нив да гледаме со должна почит“.
    „Инклузија не подразбира само физичко сместување на лицата со попречености во средината, туку и активно вклучување во работата и целиот процес на активноста, значи активно вклучување на лицата со попреченост. Активностите мора да имаат постојаност. Во нашата држава бројот на танцови студија е се поголем, препорачувам да не се плашат, да вклучат лица со попречености, да се обидат и да истражуваат“, вели Јолакоска.
    Б. НЕСТОРОСКА
    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари