Колекција вредна 60 милиони долари во која има спортски сувенири, ретки модели на патики и луксузни автомобили, во сопственост на канадскиот бизнисмен Мајлс Надал, од денес е на аукција во „Сотби“. Меѓу предметите за продажба има тркачко одело потпишано од поранешниот шампион на „Формула “ Михаел Шумахер и пет црвени „ферари“ автомобили во вредност од 20,25 милиони долари.
Исто така, на продажба се и реткиот пар „најк“ патики „мун шу“ (Moon Shoe), што Надал го купил за рекордни 437.500 долари во 2019. Во колекцијата се и оригинални патики „ер џордан“ потпишани од кошаркарската легенда Мајкл Џордан и уште еден пар „најк“ инспириран од филмот „Враќање во иднината“ – еден од само 89-те пара ширум светот. Сите предмети се дел од луксузната колекција на бизнисменот која претходно беше изложена во приватен музеј во Торонто.
Надал, кој беше еден од најплатените извршни директори во Канада, рече дека почнал да собира ретки автомобили и други сувенири пред повеќе од 25 години. Во интервјуа за различни медиуми, Надал рече дека ставил дел од својата колекција на аукција за да го ослободи просторот и дека средствата ќе ги донира во добротворни цели.
„Имам 66 години, некако сакам да уживам во плодовите на мојот труд и да се обидам да го направам светот подобро место“, изјави тој за „Блумберг“.